Правичната застапеност ќе важи и на државно и на локално ниво: Владата го усвои Предлог законот за соодветна и правична застапеност


Владата го усвои Предлог законот за соодветна и правична застапеност, информираше денеска премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција по одржаната владина седница.

„Законот има јасна цел, администрацијата да биде вистински сервис за сите граѓани, изградена врз заслуги, знаење, професионалност и интегритет, согласно Уставот и Охридскиот рамковен договор. За разлика од времето кога партиска книшка беше поважна од дипломата и стручноста, ние поставуваме нов стандард, знаење, интегритет и заслуги“, рече Мицкоски.

Според него, со законот се отвора ново поглавје на професионализам во јавниот сектор како на државно, така и на локално ниво.

„Законот е гаранција дека етничките заедници ќе бидат соодветно и правично застапени, но истовремено во таков еден процес тој ќе ги штити квалитетите на сите етнички заедници“, рече Мицкоски.

Како што појасни Мицкоски, Предлог законот ќе биде доставен до Венецијанската комисија, а потоа ќе влезе во собраниска процедура.

„Имаме обврска после толку години да раскрстиме со минатото градејќи институции кои не ги поддржуваат послушните, туку ги вреднуваат способните. Јавен сектор каде што млад човек со интегритет може да напредува. Овој Предлог закон го доставуваме на разгледување до Венецијанската комисија затоа што сакаме највисоки стандарди и целосна усогласеност со европските вредности. Законот ќе биде доставен до Собранието, откако ќе го добиеме мислењето на Венецијанската комисија“, рече Мицкоски.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, на заедничката прес конференција со премиерот Мицкоски во Владата, рече дека кога постои политичка воља, резултатите не изостануваат.0

„Овој предлог закон претставува историски момент бидејќи по прв пат правичната и соодветната застапеност како уставна категорија добивва целосно законско решение“, рече Меџити, посочувајќи дека иако ова прашање требаше со закон да биде регулирано во 2003 година, повеќе од две децении остана заложник на политичката воља.

„Предлог законот гарантира еднаква пристапност во вработувањето и унапредувањето во јавната администрација, правична и соодветна застапеност на сите заедници во јавните институции, но и обезбедување вработувањето и унапредувањето да се вршат врз основа на заслуги и квалификации на секој поединец“, рече Меџити.

Претходно, заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, прашан дали Законот за правична застапеност ќе се формира според пописот на населението, и дали станува збор за пописот на резидененти жители или и на дијаспората, потврди оти е точно дека определбата во рамките на методологијата за правичната застапеност ќе се базира според последните резултати од пописот. Но, како што рече, Законот не определува дали се работи за резидентно или нерезидентно население. Одговорноста ќе биде на координативното тело и Агенцијата за администрација.

„Точно е дека определбата во рамките на методологијата за правичната застапеност ќе се базира според последните резултати од пописот. Во Законот не се определува дали се работи за резидентно или нерезидентно население. Во Законот се определува дека ќе имаме координативно тело на политичко ниво, што ќе се раководи од вицепремиер со ресорните министри и Агенцијата за администрација, каде ќе се дискутира поконкретно за содржината на методологијата, вклучувајќи и таргети, кои ќе се предложат и ќе се валидираат на политичко ниво, во рамките на координативното тело, кое е дел од извршната власт“, рече Фетаи на денешната панел-дискусија по повод една година Влада.

Тој напомена дека категориите резидентното или нерезидентното население се создадоа преку методологијата за попис на население. Како што рече, последниот попис не фигурира во Законот во врска со овој дел.

„Кога сме кај резидентното или нерезидентното население, сакам да кажам дека ваквите категории се создадоа преку методологијата за попис на население. Последниот попис не фигурира во Законот во врска со овој дел. Има предмет во Устаниот суд и треба да го видиме епилогот од овој предмет. Одговорноста ќе биде во рамките на координативното тело и Агенцијата за администрација, рече Фетаи.

Тој потврди дека Предлог законот за правична застапеност нема да биде со европско знаменце, а ќе оди на мислење во Венецијанската комисија.