„Правда за Росица“, „Правда за Ивана“ – силни пораки и барања за оставки на Осмомартовскиот марш во Скопје
На проестот беа упатени силни забелешки за премиерот Мицкоски и министерот Тошковски и им беше порачано да се засрамат од зголемениот број на жени жртви
Повеќе илјади луѓе денеска учествуваа на традиционалниот Осмомартовски марш во Скопје за да го изразат силниот револт поради зголеменото насилзтво врз жените и млакиот одговор на институциите. Маршот, кој беше организиран од повеќе граѓански иницијативи и здруженија, почна точно напладне од паркот „Жена борец“ од каде учесниците се упатија кон Градскиот парк и бистата на Вера Јоциќ.
Слоганот на маршот „Нема да нè снема“, како што велат организаторите, ја изразува непоколебливата и нужна борба на жените да опстојат во систем и општество што ја загрозуваат нивната безбедност, не ги штитат од насилници, ги забораваат, ги оставаат на маргините и ги бришат.


Со транспаренти „Од Скопје до борба без граници“, „Правда за Росица“, Правда за Ивана“, „Повеќе ќе те сакам ако си со мене на марш“, „Ниту една повеќе“ и „Здраво, колку букети ви е животот“, учесниците испратија силна порака за унапредување на правата на жените и поголема општествена еднаквост.
Учесниците нагласија дека празничните честитки и симболичните гестови не се доволни, доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и дискриминацијата.


Учесниците побараа оставки во Владата.
Една од говорничките, Калиа Димитрова, јавно ги прозва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски. Таа му порача на премиерот затоа што не ги знае законите на земјата што ја води.
„Како не ви е срам да се појавите на говорница по рекорден број на убиства на жени, на кои им претходело пријавувано насилство и по кои не се постапувало соодветно да ни порачате да пријавуваме и да не ги повлекуваме пријавите? Премиере, како не ви е срам да не ги знаете законите на земјата што ја водите? Институциите имаат службена должност да постапуваат и да ги заштитат жените жртви на насилство. Особено оние што живеат во висок ризик. Министре Тошковски, Росица директно ве контактираше, очајно барајќи заштита додека животот ѝ висел на конец. Како не ви е срам да продолжите со вашите денови, говори, функции… и да не изразите сочувство?“, рече Димитрова.

Од протестот уште беше порачано:
„Денеска нема што ново да побараме. Нашите барања се исти со годиниа. Гласно и јасно кажуваме дека не се помируваме додека не почнете од корен да го менувате системот и не признаете дека создадовте услови за епидемија на насилтво врз жените. Правдата ќе ја бараме на улица гласно и здружено. Нема да дозволиле да не избришете и покорите“.