Познатиот пијанист Березовски со два концерта во Филхармонија


Познатиот руски пијанист Борис Березовски денеска и утре ќе настапи во Филхармонијата. Виртуозот на пијаното, кој е меѓу најбараните современи солисти, вечер од 20 часот во камерната сала ќе има рецитал со изведба на дела од Шуман, Балакирјев и Григ.

Заедно со него ќе настапат и македонски уметници – виолинистите Ана Кондратенко и Владимир Костов, Бојан Талески  – виола и Александар Котевски – виолончело.

Березовски ќе настапи и утревечер од 20 часот како солист со Филхармонијата на симфонискиот концерт насловен „Кодот на Березовски“. Ќе изведе два концерта за пијано и оркестар едноподруго, кога ќе биде и самиот диригент – Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Сергеј Прокофјев и Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Дмитриј Шостакович. На втората концертна вечер Березовски ќе ја изведе и Симфонија бр. 2 од Александар Бородин, под водство на  младиот диригент со меѓународна кариера Виктор Митревски.

– Музичката критика е едногласна во мислењето дека Борис Березовски (1969) во моментов е еден од најмоќните пијанисти кој поседува уникатна техника и сензитивност, кој има специфичен пристап кон пијаното и воопшто кон музиката што ја изведува, наведува Филхармоинијата.

Студиите ги завршил на Конзерваториумот „Чајковски“ во класата на проф. Елисо Вирсаладзе, а приватно се усовршувал со Александар Сац. По неговото деби во лондонскиот „Вигмор хол“ во 1988 година, реномираниот весник „Тајмс“ го опишал Березовски како „уметник со исклучително ветување и пијанист со занемувачка виртуозност“.

Има настапувано со врвни оркестри, меѓу кои и со Њујоршката филхармонија, оркестарот „Филхармонија“ од Лондон, Ротердамската филхармонија, настапува редовно на пијано-сериите на Берлинската филхармонија и на амстердамскиот „Концертгебау“ и „Ројал фестивал хол“ во Лондон… Соработувал со истакнати музичари, како Џулијан Рахлин, Мајкл Колинс, Ралф Киршбаум, Борис Пергаменшиков и има голем број аудиозаписи со изведба на дела од Шопен, Шуман, Рахмањинов, Балакирев, Равел…