Познати најголемиот дел од министрите во новата белгиска Влада


По вчерашните собранија и конференции на петте партии членки на новата белгиска владина коалиција, познати се речиси сите министри во новата Федерална влада на Белгија на мандаторот Барт де Вевер.

Според медиумските информации, најголемата партија во новата „Аризона“ коалиција, десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА) на идниот премиер Де Вевер, ќе ги даде и вицепремиерот и министер за финансии, пензии и културни институции Јан Јамбон, министерот за одбрана и надворешна трговија Тео Франкен и министерката за азил, миграција и урбана политика Анелин Ван Босајт.

Валонското либерално Реформско движење (МР), кое во новата Влада ќе добие четири ресори, засега само потврди дека партискиот лидер Жорж-Луј Буше ќе биде вицепремиер и министер за внатрешни работи и безбедност. Оваа партија ќе ги даде и министрите за средна класа, самовработување, мали и средни претпријатија и земјоделство, за труд и економија и за енергија, но нивните имиња се уште не се соопштени.

Втората валонска партија во Владата, центристичката Посветените (ЛЕ), доби три ресори. Партискиот лидер Максим Прево ќе биде вицепремиер и министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка, Жан-Лук Крик за мобилност и клима, а Ванеса Мац министерка за државната служба, јавните претпријатија и дигитализација.

Фламанската социјалдемократска партија Напред (Вуројт), пак, соопшти дека од нејзините редови членови на новиот Кабинет ќе бидат Франк Ванденбрук како вицепремиер и министер за здравство и Роб Бендерс како министер за прашања на потрошувачите, социјална политика и еднакви можности.

Членови на Владата од редовите на десноцентристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), ќе бидат вицепремиерот и министер за буџет и административни реформи Винсент Ван Петегем и министерката за правда и Северното Море, Анелис Верлинден.

Номинирањето на кандидатите за министри уследи откако во петокот вечерта петте партии ја усогласија владината програма и потпишаа коалициски договор, за што Де Вевер веднаш го информира белгискиот крал Филип, кој веднаш формално му го врачи мандатот за формирање нова Влада на земјата.

Белгија е во очекување на нова Влада од изборите одржани на 9 јуни минатата година на кои Н-ВА освои 24 пратеници, пред националистичката и десно популистичка Фламански интерес (ВБ) и РМ со по 20, валонската Социјалистичка партија (ПС) со 16, Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ) со 15, ЛЕ со 14, Вуројт со 13, ЦДВ со 11, Отворени Фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) со 7, Зелените со 6, Еколо со 3 и бриселската регионална либерална партија Независни федерални демократи (ДЕФИ) со 1 мандат.

Инаку, името „Аризона“ на новата владина коалиција потекнува од боите на петте партии – жолта (НВ-А), сина (МР и ЛЕ), црвена (Ворујт) и портокалова (ЦДВ), кои се и на знамето на американската сојузна држава Аризона. Досегашната владина коалиција во Белгија се нарекуваше „Вивалди“, како алузија на делото на композиторот Антонио Вивалди, „Четири годишни времиња“, бидејќи Владата ја сочинуваат либерали, социјалдемократи, демохристијани и екологисти. Таа беше формирана во октомври 2020 година, 494 дена по изборите одржани на 26 мај 2019 година.