Позитивното родителство – современ начин на воспитување


Околу 89,6 отсто од населението во светот ќе станат родители. Луѓето се трудат да бидат најдобри во таа улога, но честопати настанува збунетост и фрустрираност од бескрајните предизвици на родителството. А, тие се различни во секоја фаза од растот на децата. Тоа ќе рече – возрасниот поставува „стратегија“, па таа постојано се развива и менува.

Според стручњаците, и во оваа област на животот, позитивната психологија е особено делотворна и соодветна за кој било родител. Во таа смисла, денес се говори за поимот „позитивно родителство“.

Поддршката, комуникацијата и признавањето на индивидуалноста на најмалите се во темелот на тој модел. Додека многу истражувања за родителството се сосредоточува на улогата, пред сѐ – на мајките, психосоцијалната благосостојба на децата е под влијание на сите оние кои се вклучени во нивното воспитување. Тоа не се само биолошките родители, туку и посвоителите, згрижувачите, самохраните родители, постарите браќа и сестри и сите роднини и пријатели кои имаат улога во животот на детето.

Стручњаците го дефинираат позитивното родителство како „грижливо зајакнување, покажување чувствителност на спецификите и потребите на детето, почитување на фазите на неговиот развој, признанија, отворена комуникација, ненасилно однесување, емоционална безбедност и топлина, давање насоки, што вклучува одредување на границите“ – сѐ што ќе овозможи целосен развој на детето. И, се разбира, безусловна љубов.

Притоа, однесувањето на возрасното лице се заснова на интересот на детето. Тоа се препознава како поединец со целосни права, а родителот има за цел да го заштити, насочува и поттикнува неговиот развој на сите нивоа. Целта е да се изгради автономија на човекот кој расте и се развива.

Овој модел е сосем различен од авторитарниот стил на родителство, каде што родителите очекуваат послушно и пасивно однесување од своите деца. Сепак, не се работи за попустливост и надзор без никакви граници и добро разбрана дисциплина. Позитивното родителство се состои од:

– Топли емотивни врски меѓу сите членови на семејството;

– Поттикнување на самодовербата и самостојноста кај децата. Тоа значи дека тие би се чувствувале способни да го насочуваат својот живот и да влијаат на околината;

– Структурирана средина што нуди соодветни постапки и граници;

– Соодветно поттикнување на способностите и вештините на малолетникот;

– Образование засновано на ненасилство;

– Препознавање на малолетникот како личност. Неговите мислења, интереси и потреби се слушаат и се земаат предвид;

– Присуство, внимание и заедничко минато време.

Кои се придобивките?

Позитивното родителство им користи пред сè на децата и малолетниците. А, преку таквиот позитивен пристап се постигнуваат и поздрави и похармонични семејни односи, со помалку внатрешни судири и поголема доверба. Тоа пак, значи поцврсти врски меѓу родителите и децата.

Посочени се 10 совети за стремеж кон добро семејство: 

1. Децата имаат право на соодветна грижа и водење.

2. Образованието и воспитувањето треба да се засноваат на знаење, заштита и комуникација.

3. Поврзаноста меѓу родителот и детето е од клучно значење, затоа мора да се поттикнува и одржува постојано.

4. Наклонетоста треба да се покажува отворено и детето треба да се чувствува сакано.

5. Правилата и границите се важни, бидејќи на тоа на детето му дава структура, шема и сигурност.

6. Децата треба активно да бидат вклучени во семејното одлучување за да се чувствуваат одговорни, но и ценети.

7. Детето треба да добие укор кога се однесува лошо, но не и казна.

8. Конфликтите се решаваат без насилство.

9. Шлаканиците, навредите, заканите и викањето не се ни делотворни, ниту соодветни за воспитување на децата.

10. За децата да бидат добро, и родителите мора да бидат добро.