2 мај во историјата – Почина Едгар Хувер, кој 48 години беше на чело на ФБИ


 

По речиси пет децении како директор на американското Федералното биро за истраги (ФБИ), Едгар Хувер умира, оставајќи ја моќната владина агенција без администраторот кој во голема мера беше одговорен за нејзиното постоење и облик.

Едуциран како адвокат и библиотекар, Хувер се приклучи на Министерството за правда во 1917 година и за две години стана специјален асистент на јавниот обвинител Мичел Палмер. Длабоко антирадикален во својата идеологија, Хувер дојде во првите редови на федералните органи за спроведување на законот за време на Црвениот страв од 1919 до 1920 година. Поранешниот библиотекар напарви листа во која беше вклучен секој радикален лидер, организација или публикација во САД и во 1921 година имаше собрано околу 450.000 досиеја. Во овој период беа уапсени и повеќе од 10.000 осомничени комунисти, но огромното мнозинство од овие луѓе беа накратко испрашани, а потоа ослободени. Иако јавниот обвинител беше критикуван за злоупотреба на овластувањето за време на познатите „рации на Палмер“, Хувер излезе неповреден и на 10 мај 1924 година, беше назначен за вршител на должноста директор на Бирото за истраги, филијала на Министерството за правда основана во 1909 година.

Во текот на 1920-те, со одобрение на Конгресот, директорот Хувер драстично го реструктуираше и прошири Бирото за истраги. Тој ја изгради агенцијата опфатена со корупција во ефикасна машина за борба против криминалот, воспоставувајќи централизиран  систем за отпечатоци, криминалистичка лабораторија и школа за обука на агенти. Во 1930-тите, Бирото за истраги започна драматична битка против епидемијата на организиран криминал предизвикана од Прохибицијата. Озлогласените гангстери како Џорџ „митралез“ Кели и Џон Дилинџер ги видоа своите краеви гледајќи ги цевките на пушките на Бирото, додека други, како Луис „Лепке“ Бухалтер, познатиот мафијачки шеф беа успешно истражени и гонети од „G-men“ на Хувер. Хувер, кој имаше остро око за односите со јавноста, учествуваше во голем број од овие апсења кои беа широко публикувани, а Федералното биро за истраги, како што беше познато по 1935 година, стана високо ценето од Конгресот и американската јавност.

Со избувнувањето на Втората светска војна, Хувер ги оживеа антишпионажните техники што ги разви за време на првиот Црвен страв, а домашните прислушувања и другиот електронски надзор драстично се проширија. По Втората светска војна, Хувер се фокусираше на заканата од радикална, особено комунистичка, субверзија. ФБИ состави досиеја за милиони Американци осомничени за дисидентска активност, а Хувер тесно соработуваше со Комитетот за неамерикански активности на Претставничкиот дом и сенаторот Џозеф Мекарти, архитектот на вториот американски Црвен страв.

Во 1956 година, Хувер го иницираше Коинтелпро, тајна контраразузнавачка програма која првично беше насочена кон Комунистичката партија на САД, но подоцна беше проширена за да се инфилтрира и да ја попречи секоја радикална организација во Америка. Во текот на 1960-тите, огромните ресурси на Коинтелпро беа искористени против опасните групи како што е Кју Клукс Клан, но исто така и против афроамериканските организации за граѓански права и либералните антивоени организации. Една личност беше посебно следена – лидерот за граѓански права Мартин Лутер Кинг,  кој трпеше систематско малтретирање од ФБИ.

До моментот кога Хувер стапи во служба на неговиот осми претседател во 1969 година, медиумите, јавноста и Конгресот станаа сомнителни дека ФБИ можеби го злоупотребува својот авторитет. За прв пат во неговата бирократска кариера, Хувер претрпе широки критики, а Конгресот одговори со донесување закони со кои се бара потврда од Сенатот за идните директори на ФБИ и ограничување на нивниот мандат на 10 години. На 2 мај 1972 година, кога аферата Вотергејт само што не експлодира на националната сцена, Едгар Хувер почина од срцева болест на 77-годишна возраст. Агенцијата беше темелно истражена од Конгресот. Откритијата за злоупотребата на моќта на ФБИ и неуставното надгледување ги мотивираа Конгресот и медиумите да станат повнимателни во идното следење на ФБИ.