Пожарот во РЕК „Битола“ направи штета до 130 илјади евра, се чекаат резултатите од вештачењето
РЕК „Битола“ работи со два блока и произведува 3.000 MWh по блок, велат од комбинатот

БИТОЛА – РЕК „Битола“ го чека вештачењето од криминалистичката полиција на СВР- Битола за да потврди или отфрли, дали имаше саботажа, односно кои се причините за пожарот во Термоблокот 2 што настана пред осум дена.
Но, додека се чека извештајот од МВР, РЕК „Битола“ веќе ја утврди штетата од пожарот.
Официјално од Комбинатот за „Независен“ потврдија дека: „Според увидот кој го направи осигурителната компанија по настанување на пожарот, првичната проценка е дека станува збор за штета од 100-130 илјади евра“, изјави портпаролот на РЕК „Битола“, Оливера Михајловска.
Од Комбинатот уште велат дека по излегувањето на терен на полицијата со вешто лице, се чека извештај од вештачењето на лице место и не откриваат дали веќе има осомничени и дали можеби сомнителниот настан е снимен на интерните камери со образложение дека не сакаат да задираат во истрагата.
По пожарот, од Комбинатот известија дека вработените напорно работеле на санација на штетите предизвикани врз ормарот за електро управување.
Термоблокот 2, веќе три дена е во функција, Блок 3 е вклучен во системот од прексиноќа. Термоблокот 1 е во редовен годишен ремонт.
„Како што и беше најавено завчера, поради очекуваниот зголемен конзум за време на најавениот топлотен бран, Блок 3 по претходни пуштачки операции во 03:18 часот вчера утро е синхронизиран на мрежа. РЕК Битола моментално работи со две третини од својот инсталиран капацитет односно во погон се Блок 2 и Блок 3“, соопшти Михајловска за „Независен“ и додава: „Во однос на прашањето за производството на електрична енергија, морам да нагласам дека количеството се проектира на дневна основа согласно конзумот и моментално произведуваме над 3.000 MWh по блок.“
Како што е познато, рано утрото на 18 јуни, Термоблокот 2 во РЕК „Битола“ автоматски беше исклучен од електроенергетскиот систем откако сигнализира заштитниот механизам на блокот, кој се активирал како последица на зголемена температура односно опожарени дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување. По тој момент надвор од системот беа трите блока на Комбинатот.
Веднаш по ова РЕК „Битола“ испрати соопштение во јавноста во кое јасно порача дека се сомневаат на саботажа за која криминалистичката полиција поведе истрага.
СВР Битола потврди дека започнале истрага. Но, денеска не одговорија до каде е постапката.
Пожарот во Блок 2 на РЕК „Битола“ предизвика бура од реакции на социјалните мрежи, но и политички препукувања и обвинувања.
Опозициската СДСМ, побара ОЈО да отвори постапка со обвинување дека РЕК „Битола“ е во колапс поради криминалните зделки на ВМРО-ДПМНЕ и не станува збор за саботажа.
„Она што се случува во РЕК ‘Битола’ не е никаква саботажа, туку корупција од епски размер и местење на тендери за неспособни партиски фирми. Тоа е саботажа врз државата и системот од страна на ДПМНЕ. Суштината на скандалот е следна, новото раководство на РЕК ‘Битола’, поставено од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и лично блиско до премиерот Мицкоски, потпишало рамковна спогодба вредна 150 милиони денари за чистење со фантомска фирма без ниту еден вработен. Компанија без техничка опрема, без кадар и без искуство. И како шлаг на тортата – управителот, неофицијално, е молер со кривична историја во Германија“, обвини потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
Опозициската партија го повика ОЈО, Државната комисија за спречување на корупција, Државниот завод за ревизија – веднаш да отворат постапка за РЕК „Битола“.
По обвинувањата од Илиевски, АД ЕСМ испрати соопштение во кое појасни дека „Техно Коп Плус“ ДООЕЛ Битола е избрана за компанија за технолошко чистење, откако ги исполнила сите наведени критериуми по јавниот повик. Овој понудувач, понудил за 30 отсто пониска цена од досегашната договорна.
Иако одлуката е донесена, договорот сè уште не е потпишан поради тековната жалбена постапка. Договорот ќе биде склучен по истекот на овој период, информира АД ЕСМ.
Од компанијата напоменаа дека, додека технолошкото чистење од надворешни изведувачи е во прекин, преземат проактивни мерки за внатрешно справување со сите отворени прашања.
Премиерот Христијан Мицкоски, запрашан за случајот во комбинатот рече дека постои основано сомнение дека е можно на 18 јуни да се случила саботажа во РЕК „Битола“.
„Во РЕК ‘Битола’ се даваат натчовечки напори во делот на дисциплината и ремонтите, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Премиерот потсети дека АД ЕСМ и Владата не побараа зголемување на цената на електричната енергија од 1 јули, како што тоа многу пати го правеше мината влада на СДСМ.
„Продолжуваме да го оправаме сето она кое што уништено, распаднато и девастирано го затекнавме од претходната влада“, обвини Мицкоски.