Пожарите опустошија 6 отсто од територијата на Канарските острови
Пожарите сè уште горат, но локалните власти се надеваат дека најлошото е минато. Шумскиот пожар што беснее надвор од контрола на Канарските Острови започна намерно. Регионалниот претседател на Канарските Острови Фернандо Клавихо во неделата изјави дека полицијата отворила три линии на истраги, но не кажа дали досега имало апсења.
Подобрените временски услови им помогнаа на пожарникарите да напредуваат во последните денови, но пожарот изгоре 11.600 хектари на периметар од 84 километри, или околу 6% од површината на островите принудувајќи повеќе од 12.000 луѓе да избегаат, според регионалните власти.
„Ноќта беше многу тешка, но благодарение на работата на пожарникарите, резултатите беа многу позитивни“, рече гувернерката на Тенерифе, Роса Давила на прес-конференција.
Канарските острови беа во суша во поголемиот дел од изминатите неколку години, како и поголемиот дел од континентална Шпанија. Островите забележаа подпросечни врнежи во последниве години поради променливите временски обрасци под влијание на климатските промени.Иако пожарот на североистокот на островот не е во близина на главните туристички области на југозапад, регионалната влада нареди евакуација на државниот хотел во националниот парк Теиде, во центарот на Тенерифе, на околу 50 километри југозападно од опожарените зони.Засега не е јасно колку луѓе престојувале во хотелот. Службите за итни случаи на островите во неделата соопштија дека изгореле 29.000 хектари борова шума и грмушки. Засега нема информации за повредени, а до сега нема изгорени куќи.
Пожарот, опишан како најлош во Тенерифе во изминатите децении, им се заканува на 11 градски области кои се оградени со стрмна и карпеста област. Пристапот за пожарникарите е исклучително тежок. Распоредени се повеќе од 400 пожарникари и војници, како и 23 хеликоптери и авиони кои носат вода.
Во Грција, властите наредија евакуација на две села во централниот регион Виотија, на околу 100 километри северозападно од Атина, откако во понеделникот наутро избувна шумски пожар.Крајбрежната стража стави два патролни чамци и неколку рибарски бродови и приватни пловни објекти на готовност во случај да биде неопходна евакуација по море.Властите соопштија дека телото на маж е извлечено од овчарско колибче во областа под евакуација, а локалните медиуми објавија дека мажот очигледно починал од вдишување чад додека се обидувал да го спаси својот добиток.
На североистокот на земјата, во близина на границата со Турција, силните ветрови повторно го разгореа пламенот на неколку фронтови во големиот шумски пожар што трет ден гори низ шумите и обработливото земјиште во близина на градот Александрополис. Неколку домови беа уништени во текот на викендот. Евакуирани се 13 села, додека повеќе од 200 пожарникари, потпомогнати од 16 авиони за фрлање вода и седум хеликоптери, доброволци и вооружените сили се борат со огнот, изјави владиниот портпарол Павлос Маринакис. Откриени се притоа изгорени тела на 18 луѓе, а според грчките медиуми кои не го наведуваат изворот, по се изгледа странува збор за имигранти. Пожарите во Северна Грција ги принудија властите да ги евакуираат и пациентите од болниците и за таа цел се користеа траекти.

Кипар испрати два противпожарни авиони за да помогне во справувањето со пожарот во Александрополис, вклучувајќи четворица членови на екипажот и персонал за копнена поддршка.Со силни ветрови што дуваат во неколку делови на земјата, властите го поставија нивото на ризик од пожар во неколку региони, вклучително и во грчката престолнина, на „екстремно“. Грција секое лето трпи деструктивни шумски пожари, за кои властите велат дека се влошени поради климатските промени.
Во Португалија и Италија, две други јужноевропски земји честопати зафатени од шумски пожари во летните месеци, се предвидува дека температурите ќе се зголемуваат оваа недела.Италијанските власти издадоа предупредувања за горештини за осум градови од Болцано на север до Рим во централна Италија, бидејќи се предвидува дека температурите ќе достигнат 38 степени Целзиусови. Предупредувањата за бура беа на сила во јужните региони на Калабрија, Базиликата и Сицилија. Во Португалија се предвидуваше дека температурите ќе достигнат до 44 степени Целзиусови во некои јужни делови од земјата.
И Метео Франс издаде портокалови предупредувања за поголемиот дел од земјата, повикувајќи ги луѓето да бидат внимателни, бидејќи температурите се движат кон 40 ° C. (Еуроњуз)