Пожар во пункт за старо железо во Струмица, биле зафатени и дел од материјалите
Синоќа во Струмица, во близина на булеварот „Климент Охридски“, избувнал пожар во помошен објект во откупен пункт за старо железо, при што биле зафатени и дел од материјалите кои биле во непосредна близина, информираа утрово струмичките пожарникари.
Според информациите, пожарот го гаснеле четири противпожарни (ПП) возила и единаесет пожарникари-спасители.
„Синоќа (недела) 29.03.2026 година, во близина на бул.Климент Охридски, ТППЕ Струмица со четири ПП возила и единаесет пожарникари-спасители интервенираше на гаснење на запален помошен објект во откупен пункт за старо железо, при што беа зафатени и дел од материјалите кои беа во непосредна близина. Пожарот беше во разгорена фаза и гаснењето беше доста отежнато поради тешкиот пристап за ПП возилата, како и лесно запаливите материјали кои беа присутни на локацијата“ соопштија од ТППЕ Струмица.