Повратниците бараат стекнување државјанство за Македонците родени во странство
Национална кампања за стекнување на македонско државјанство за сите Македонци по род, предложи една од повратничките во државава денеска, на Форумот на повратници во државата, на кој присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски и претставници од повеќе засегнати институции.
Ана Дуковска, како што самата кажа, е од Охрид, но во 2007 година заминала во САД, со цел да заработи пари за нејзините магистерки студии. Но, она што започнало како краткорочна цел, се претворило во долгогодишно живеење и работење во САД, најпвро во Њу Џерси, а потоа и во Вашингтон.
Сепак, вели таа, носталгијата за Македонија, ѝ била постојана придружничка при престојот во Америка. Таму основала друштво за зачувување на македонските традиции, подучувала деца на македонски јазик и активно ги промовирала македонските вредности.
Откако решила да се врати во Македонија, затоа што смета дека се створиле услови за тоа, не ги изгубила контактите, па успева да ги донесе во Македонија, каде заедно придонесуваат за промоција, напредување и поврзување меѓу културите.
Таа е задоволна од Националната стратегија за соработка со дијаспората 2025-2030 година, во која цени дека се вметнати сите нејзини апели за системска соработка меѓу татковината и иселениците.
„Стратегијата препознава дека иселеништвото не е само сентиментален поим, туку ресурс, партнер и продолжена рака на државата“, рече Дуковска.
Таа изнесе еден предлог за спроведување „национална кампања за стекнување на македонско државјанство за сите Македонци по род, родени надвор од државата, не како административна постапка, туку како чин на припадност на признавање, па и на враќање дома“.
Дуковска вели дека работи за американска фирма – сметководство, но од нејзиниот дом во Охрид. Задоволна е од нејзините примања, а парите ги троши во својата татковина, што според неа е доказ дека може да се заработува во странство, а да се придонесува дома.
Во продолжение на Форумот треба да зборуваат уште шест повратници од дијаспората, како и премиерот Христијан Мицкоски, со своето искуство по враќањето од Германија и од Италија, како и претставниците на различни институции кои се присутни на состанокот. (Б.Б.)