Повисоките цени „скршија“ над 20 компании за снабдување со енергенси во Велика Британија


Малиот британски енергетски снабдувач Зог енерџи ја прекинува трговијата, објави денеска енергетскиот регулатор Офгам.
Зог енерџи е најновата жртва на растот на големопродажните цени на енергијата, пишува Ројтерс.

Повеќе од 20 енергетски компании, кои ги снабдуваат домаќинствата и деловните субјекти со гас и со електрична енергија, пропаднаа од септември, борејќи се со рекордно високите цени на големо бидејќи регулаторната горна граница на цените ги ограничува колкав дел од порастот на трошоците може да се пренесе на клиентите.

Офгам соопшти дека ќе најде нов добавувач за 11.700 домашни клиенти кои беа снабдувани од Зог енерџи и дека сите ненаплатени побарувања ќе бидат заштитени, пренесе Танјуг.

Во октомври, референтните британски големопродажни цени на гасот достигнаа рекордни вредности и беа за околу 500 отсто повисоки отколку во јануари, бидејќи глобалната побарувачка за гас скокна со закрепнувањето на економиите од пандемијата.
Оттогаш цените паднаа, но сепак се над 300 отсто повисоки од почетокот на годината. Се проценува дека зимава ќе остане на високо ниво бидејќи испораките на гас и снабдувањето на Европа со руски гас се помали од претходните години.