Повеќе претстави и посетители во професионалните театри

Филхармонијата, пак, има намалена посетеност во споредба со претходната сезона


Фото: К. Галевски

Вкупниот број на прикажани претстави во професионалните театри во сезоната 2024/2025 година е зголемен за 20.9 %, а имало и повеќе посетители за 20.5 % во однос на периодот 2023/2024 година, објави Државниот завод за статистика.

Спротивно на овој позитивен тренд, кај професионалните театри за деца и млади се забележува пад: бројот на претстави е намален за 24,9 проценти, а посетеноста за 30,9 проценти, со вкупно 16.534 посетители.

Аматерските театри бележат раст и во бројот на претстави и во посетеноста, со 16.846 гледачи. 

Според податоците на МАКСТАТ, во сезоната 2024/2025 во театрите во земјава се изведени вкупно 238 дела преку 1.391 претстава, кои ги посетиле 232.136 гледачи. Професионалните театри предничат со 187 дела, 1.105 претстави и 198.756 посетители, додека аматерските театри имаат 24 дела, 123 претстави и 16.846 посетители. Кај театрите за деца и млади се реализирани 27 дела и 163 претстави, со 16.534 гледачи.

 

Филхармонијата, пак, има намалена посетеност во споредба со претходната сезона, додека професионалниот ансамбл за народни игри и песни бележи раст и кај бројот на концерти и кај посетителите.

Во сезоната 2024/2025, Националната филхармонија реализирала 38 концерти со вкупно 25.100 посетители, додека професионалните ансамбли за народни игри и песни одржале 28 концерти, кои ги следеле 19.920 гледачи.