Повеќе од милион луѓе би можеле да умрат од корона во Кина следната година, предупредуваат научници


 

Ненадејното укинување на строгите ограничувања на КОВИД во Кина може да резултира со експлозија на заразени и повеќе од еден милион смртни случаи во 2023 година, според новите предвидувања на американскиот Институт за мерење и евалуација на здравјето (IHME).

Според предвидувањата на институтот, бројот на случаи во Кина ќе го достигне врвот околу 1 април, кога бројот на починати би можел да достигне 322.000. Околу една третина од кинеското население ќе биде заразено дотогаш, изјави директорот на IHME, Кристофер Мареј.

Кинеската Национална здравствена администрација нема пријавено ниту еден официјален смртен случај од коронавирусот откако се укинаа ограничувањата за болеста. Последните официјални смртни случаи беа пријавени на 3 декември.

Вкупниот број на смртни случаи од пандемијата изнесува 5.235. Кина ги укина некои од најстрогите ограничувања во светот во декември по невидени јавни протести и сега доживува нагло зголемување на инфекциите, со стравувања дека КОВИД може да ја зафати нејзината популација од 1,4 милијарди следниот месец за време на лунарниот новогодишен празник, пренесе Хина.

Кинеската политика за нулта борба против коронавирусот можеби беше ефикасна во сузбивањето на претходните варијанти на вирусот, но високата преносливост на варијантата омикрон го направи тоа невозможно, рече Мареј.

Независна група за моделирање на Универзитетот во Вашингтон во Сиетл, на која се потпираат владите и бизнисите за време на пандемијата, црпеше податоци од покраината и информации од неодамнешната појава на омикрон во Хонг Конг.

„Од првичното избувнување во Вухан, Кина едвај пријави смртни случаи. Затоа, го погледнавме Хонг Конг за да добиеме идеја за стапката на смртност од инфекцијата“, рече Мареј.

За своите прогнози, IHME користи и информации за стапките на вакцинација обезбедени од кинеската влада, како и претпоставки за тоа како различните провинции ќе одговорат на зголемените стапки на инфекција.

Други експерти очекуваат дека околу 60 отсто од кинеското население на крајот ќе биде заразено, што најтешко ќе ги погоди ранливите популации, како што се постарите и оние со претходно постоечки болести.

Јанџонг Хуанг, виш соработник за глобално здравје во Советот за надворешни односи, рече дека во Кина има 164 милиони луѓе со дијабетес, што е фактор на ризик за лоши резултати од КОВИД. Има и 8 милиони луѓе на возраст од 80 и повеќе години кои никогаш не биле вакцинирани.

Кинеската Национална здравствена комисија во петокот соопшти дека ги засилува вакцините и складира вентилатори и есенцијални лекови.