Повеќе од една петтина од младите не учат, не се вработени и не посетуваат обуки


Младинската невработеност во земјите од Западен Балкан е генерално високa и иако има тренд на намалување, во 2018 година стапката на невработеност во земјава се уште е два пати поголема од просекот во ЕУ, со повеќе од една петтина од младите кои влегуваат во НЕЕТ групата – млади кои не учат, не се вработени и не посетуваат обуки.

Најголемиот дел од НЕЕТ младите – 36,6 проценти се долгогодишено невработени, од кои најмногу се жени на возраст од 25 до 29 години, само со основно образование и кои живеат во рурални средини.

Државата нема соодветни податоци и информации за проблемот со младинската невработеност, а повеќето од политиките се генерални и не се фокусирани и дизајнирани за млади.

Лошото/несоодветно образование, апатијата и демотивираноста на младите, како и несоодветните знаења со потребите на пазарот се идентификуваат како главни причини за високата младинска невработеност и емиграција, за што е потребна целосна и длабинска реформа на сите нивоа на образовниот систем, базирана на квалитетни анализи и заклучоци од сите засегнати страни, особено младите.

Ова го покажуваат истражувањето на Млади инфо – Северна Македонија – „Студија за НЕЕТ и млади од ранливи категории“, изработено во рамките на проектот WB&T for EmploYouth, фокусиран на зголемување на вработеноста и вработливоста на НЕЕТ младите и младите од ранливи категории во Република Северна Македонија. Проектот е финансиран од Европската унија и имплементиран под водство на Фондацијата Ана и Владе Дивац од Србија.

НЕЕТ млади – лица од 15 до 29 години кои не учат, не се вработени и не посетуваат обуки

Терминот НЕЕТ млади на ниво на ЕУ се однесува на млади кои ниту се вработени, ниту посетуваат некакво образование или обука. Оваа дефиниција ги вклучува невработените млади на возраст од 15 до 29 години кои не бараат работа, не следат формално или неформално образование.

Постојат пет главни подгрупи на НЕЕТ млади и тоа:

– конвенционално невработени – кои може да се поделат на долгорочно и краткорочно невработени;

– недостапни – млади негуватели, млади со фамилијарни обврски и млади кои се болни или инвалиди;

– незаинтересирани – млади кои не бараат работа или образование, а не се спречени од други причини, како и млади кои водат асоцијален и опасен животен стил;

– баратели на можност – млади кои активно бараат работа или тренинг, но се воздржуваат за можности кои тие сметаат дека не им одговараат на нивните вештини и ниво;

– волонтерно НЕЕТ – млади кои патуваат или се конструктивно вклучени во други активности како што се уметност, музика или самоедукација.

Како фактори кои влијаат на зголемување на ризикот за НЕЕТ млади на светско ниво, во анализата, се посочуваат следните работи:

– лицата со ниско образование имаат за три пати повисок ризик да станат НЕЕТ млади споредено со лицата со високо образование;

– лицата кои живеат во далечни рурални средини имаат за 1,5 пати поголема веројатност да влезат во НЕЕТ група на млади;

– младите кои живеат во семејство со ниски приходи имаат поголем ризик да станат НЕЕТ млади од тие кои доаѓаат од семејства со просечни приходи;

– младите чии родители некогаш останале без работа имаат за 17 проценти поголем ризик да станат НЕЕТ млади;

– лицата со попреченост имаат 40 проценти поголем ризик да влезат во НЕЕТ групата;

– младите чии родители се разведени  имаат за 30 проценти поголем ризик да влезат во НЕЕТ групата.

Имаме еден од највисоките проценти на НЕЕТ млади во регионот

Северна Македонија има една од највисоките стапки на НЕЕТ млади на возраст од 15 до 24 години во 2018 година – 24,1 процент. Тоа е над просекот од 22,1 проценти, за Западен Балкан. Најголема стапка НЕЕТ млади има Косово – 28,5 проценти, потоа Албанија со 26,5 проценти. Црна Гора со 16,2 проценти, Србија со 16,5 и Босна и Херцеговина со 21,6 проценти се под просекот на регионот. Просекот на НЕЕТ млади во Европа изнесува 17,2 отсто, се вели во анализата.

Како сериозен проблем, во анализата се посочува немањето соодветни податоци од институциите за НЕЕТ младите и основните заклучоци за младинската невработеност во Северна Македонија ги влечат од анализата на годишникот на Државниот завод за статистика за 2019 година.

Податоците покажуваат дека 75 667 млади биле невработени во 2018 година или 38,1 процент од вкупно невработеното население, споредено со 13,6 проценти младинска невработеност во земјите од ОЕЦД истата година. Околу 16,9 проценти од вкупно вработеното население биле млади, од кои најголемиот дел или 11 проценти на возраст од 25 до 29 години. Од неактивното население 211 353 се млади или 29,1 процент од вкупно населението на возраст од 15 до 29 години.

За подобра анализа на структурата на НЕЕТ младите користен е последниот извештај за работната сила на Државниот завод за статистика за 2017 година.

– Според ова истражување најголем дел од НЕЕТ младите (36,6%) се долгогодишено невработени. Ова се во најголем дел жени на возраст од 25 до 29 години, само со основно образование и кои живеат во рурални средини. Немотивирани и долгорочно невработени НЕЕТ млади во најголем дел се мажи, додека фамилијарните обврски се главна пречка за младите жени, каде 66 % од мажените жени се неактивни на пазарот на труд, покажува анализата.

Во однос на образованието, мнозинството од невработените – 56 % се со три и четири годинишно средно образование, од кои 37 % се мажи и 19 % се жени. Според Истражувањето на пазарот на труд од 2017 година 20 проценти од неварботените лица имаат завршено универзитет, од кои 8 % се мажи и 12 % жени. Една од главните причини за престанок на работа се незадоволство од работните услови, неисплатени плати, отказ, банкрот или затворање. Младинската невработеност е нешто повисока во рурални средини, се вели во анализата.

Младинска гаранција – први од земјите надвор од ЕУ

Според препораките од Европскиот совет од април 2013 година терминот младинска гаранција се однесува на ситуација во која младите луѓе ќе добијат добра шанса за работа, продолжување на образованието, пракса или тренинг во период од четири месеци од останување без работа или излегување од формално образование.

– Соглано овие препораки Северна Македонија е прва земја надвор од Европската унија што ја имплементира оваа мерка, како дел од програмата за економска реформа 2018-2020 година на Министерството за финансии, користејќи пракси од Словенија, Бугарија и Хрватска. Концептот на Младинска гаранција е ист со тој во ЕУ. Младинската гаранција предвидува обезбедување можности или зголемување на вработливоста четири месеци откако ќе бидат регистрирани во ситемот на Агенцијата за вработување, се вели во анализата.

Според Министерството за труд и социјална политика оваа мерка има позитивни резултати – во првите три месеци од реализацијата во Скопје, Струмица и Гостивар се вработени 419 лица, 196 почнале да посетуваат обука и 160 започнале пракса во некоја компанија, се вели во Анализата. Во 2019 година Младинската гаранција е спроведена на ниво на цела држава и според Агенцијата за вработување 20 301 млади станале дел од програмата.

Според законската рамка и интервјуата со институциите, анализата оценува дека Министерството за труд и социјална политика останува централна институција која се занимава со прашањето на невработеноста во земјата, додека Агенцијата за вработување е втора. Агенцијата за млади и спорт останува на маргините, главно адресирајќи прашања поврзани со спортот и младинското учество. Истовремено, останатите институции имаат недостиг и од податоци и од стратешки пристап за справување со невработеноста на НЕЕТ и ранливите групи млади.

Највпечатливо е тоа што речиси сите институции имаа недостиг од податоци за млади, каде речиси сите ги користат податоците на Државниот завод за статистика и Агенцијата за вработување, оценува анализата.

Повеќето од политиките се генерални и не се фокусирани и дизајнирани за млади, додека несоодветните владини инвестиции во сервиси и програми за вработување ја зголемува зависноста од надворешни и меѓународни грантови за зголемување на опсегот на работа, се вели во анализата.

Несоодветното образование, апатијата и пазарот на труд – главни причини за младинска невработеност

Во анализата се опфатени и 20 невладини организации кои работат на темата. Според 44 проценти од испитаните НВО легислативата за справување со младинската невработеност во земјава е делумно добра, иако 80 проценти од нив рекле дека не работеле на подобрување на легислативата за младинската невработеност во последните три години.

Лошото/несоодветно образование (60%), апатијата и разочараноста на младите (35%) и несоодветните знаења со потребите на пазарот на труд (40%) биле посочени како главни причини за високата невработеност на младите во земјата, од страна на најголем дел од испитаниците од НВО секторот кои работат со оваа проблематика.

Корупцијата (25%), недостигот од волонтерски програми и пракса (20%)  и ниските плати (15%) се главните причини за високата младинска невработеност, покажуваат податоците на онлајн прашалникот изработен за потребите на анализата на „Млади инфо“. Несоодветните вештини, недостигот на информации и немањето интерес од институциите ги посочиле по 10 проценти од испитаниците.

Дополнително, на прашањето „Како ги оценуваш можностите за наоѓање работа“ мнозинството од испитаниците (90%) сметаат дека наоѓањето работа зависи од многу фактори (струка, образование, искуство и итн) и само двајца испитаници сметата дека е тешко да се најде работа.

Препораките кои се даваат за надминување на проблемот со младинската невработеност се поагресивни младински политики за вработување, вклучително стажирање и платена пракса, доквалификација, ре-обука, и профилирање на младите во сектори и струки кои се потребни или би биле потребни согласно централен систем на инфорамции, каде младите би ги добивале сите потребни информации за работните и образовни можности.

Интергирани податоци, реформа на образованието, поиновативни и проактивни програми  за вклучување на НЕЕТ младите

Во делот на заклучоци и препораки извештајот оценува дека Владата со идентификацијата на НЕЕТ младите како таргет група има преземено неколку мерки за справување со високата младинска невработеност, но сепак, на легислативата и стратегиите им недостига поконкретен пристап кога станува збор за ранливите групи на млади.

За справување со високата младинска невработеност анализата препорачува дека е неопходно да се воспостави систем што ќе ги интегирира сите податоци за младинската невработеност и нивната интеракција со различни ранливи групи.

Владата треба да биде поиновативна и проактивна во адресирањето на причините за долгорочната невработеност, нудејќи подобри програми за инклузија на НЕЕТ и ранливите групи млади на пазарот на труд. Во оваа насока, се вели во анализата, важно е да се решава и проблемот со иселувањето на млади мозоци, како последица на демотивираност.

Потребно е дизајнирање на специјални мерки кои ќе ги таргетираат причините за неактивноста на жените на пазарот на труд, вклучително мерки за жени од рурални средини.

Лошото/несоодветно образование, апатијата и демотивираноста на младите, како и несоодветните знаења со потребите на пазарот се идентификуваат како главни причини за високата младинскта невработеност и емиграција, за што анализата нагласува дека е потребна целосна и длабинска реформа на сите нивоа на образовниот систем, базирана на квалитетни анализи и заклучоци од сите засегнати страни, особено младите.

Образовниот систем треба да покаже визија и способност за прилагодување на моменталните и идни потреби на пазарот на труд и да стимулира создавање на соодветни кадри, додека подобрувањето на квалитетот на живот и обезбедувањето на работни можности кои се соодветни на знаењата, како и вреднување на работата на младите е од големо значање за тие да останат или да се вратат во земјата.

Анализата, исто така, оценува дека е потребна поголема промоција на активните мерки со цел мотивацијата на младите и враќање на нивната доверба во институциите, како и дека општините треба да ја таргетираат младинската  невработеност преку локални стратегии, програми и вклученост на НВО и младите во тој процес.