Повеќе банки, меѓу кои и НЛБ, заинтересирани за соработка со „Пошта“


Повеќе банки, меѓу кои и НЛБ Банка, пројавиле интерес за услугите за платен промет што се реализираат преку „Пошта“, а што досега ги извршуваше „Еуростандард“ банка.

Првиот човек на НЛБ Банка, Антонио Аргир се надева дека недостатокот на услуги што ги даваше „Пошта“ наскоро ќе се надомести.

– „Пошта“ има започнато процес на преговори со банките. На нивно барање преку Македонската банкарска асоцијација, повеќе банки, меѓу кои и ние како НЛБ Банка, пројавија интерес за продолжување на активностите за соработка со „Пошта“, изјави денеска Аргир по потпишувањето на договор со ЕБОР за две кредити линии.

Вчерашниот, прв ден од обештетувањето на клиентите на „Еуростандард“, според Аргир, поминал добро. Тој смета дека банкарскиот сектор е добро организиран во овој дел.

– Зголемени се малку гужбите, што е нормално бидејќи наеднаш има клиенти кои доаѓаат да ги подигнат средствата. Мислам дека како банкарски сектор добро се организиравме. Клиентите се поделени во четири банки. Тоа е со интенција да не се збијат сите во една банка. Голем дел од тие клиенти имаат средства и до 100 денари што е врзано со редовно работење преку трансанциската сметка или некои заостанати средства преку трансакциската сметка. И затоа бројот изгледа голем. Всушност, оние клиенти кои очекуваме дека во прв момент ќе дојдат, а тоа се клиенти кои имаат над илјада и пет илјади денари, е значително помал, истакна Аргир.

Одлуката за затворање на „Еуростандард“ банката, вели Аргир, е одлука на Народната банка и верувам во професионалноста во таа одлука.

Затворањето на „Еуростандард“, според него, не се одразило кај нив од аспект на тоа клиентите да почнат да ги повлекуваат депозитите.

– Банкарскиот сектор е исклучително стабилен, високо капитализиран и со огромна доверба кај населението. Во услови на Ковид кризата, имавме многу попесимистички очекувања од аспект дека физичите лица ќе ги повлекуваат средствата, што сме го виделе повеќепати за време на политички и финансиски кризи. Но, тоа не се случи. Со кризата која настана со „Еуростандард“, кај нас нема никакви импликации во однос на повлекување на депозитите, рече Аргир.