Потрес на пазарот на енергенти по најавата на Путин за мобилизација

Цената на нафтата денеска скокна за повеќе од два отсто, откако рускиот претседател Владимир Путин најави делумна мобилизација, што ја ескалира војната во Украина и ја зголеми загриженоста за снабдувањето со нафта и гас, јавува US News.
Фјучерсите на суровата нафта „брент“ поскапеа за 2,28 долари или 2,5 отсто, на 92,90 долари за барел, откако претходниот ден паднаа за 1,38 долари.
Американската сурова нафта WTI изнесува 86,16 долари за барел, што е зголемување од 2,22 долари или 2,6 отсто. Рускиот претседател објави дека потпишал указ за делумна мобилизација која почнува денеска, со образложение дека ги брани руските територии од Западот кој сака да ја уништи Русија, пренесе Јуроњус.
Ескалацијата секако ќе доведе до зголемена несигурност околу снабдувањето со руски енергетски производи, изјави Ворен Патерсон, еден од директорите на ING Bank.