Потребно е дејствување на Уставниот суд во заштитата на животната средина


Фото: Б. Грданоски

Во финална фаза е формирањето на оперативни групи за гонење на криминалот што се случува во рамки на животната средина, а изработена е и програма за работа на овие оперативни групи, како и акциски план, информираше Никола Јовановски, програмски менаџер во Центарот за правни истражувања и анализи на денешната онлајн-конференција „Уставните судови – Чувари на животната средина“.

Како дел од работната група за измени на Кривичниот законик, Јовановски соопшти дека заедно со останатите чинители, предложени се 20 нови измени и дополнувања на одредбите од Кривичниот законик и четири нови одредби што на некој начин се преземени од оние законодавства од регионот и се во сооднос со македонското законодавство.

– Предложивме една интересна одредба што се однесува на криминалот во животната средина на највисоко можно ниво, односно екоцитот, како препорака од Европската комисија да биде вклучен во законодавството на земјите-членки на Европската Унија, додаде Јовановски.


Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска во своето обраќање истакна дека Уставниот суд има две улоги. Првата е толкувач на уставните норми, преку кои се определува нивната содржина. Втората улога е онаа на конкретна примена на уставните норми при остварување на надлежностите на судот, особено во делот на заштитата на уставните слободи и права во двата нејзини облици.

– Во однос на првата улога, тоа не е само од значење во остварување на надлежностите на самиот суд, туку има и директно влијание на носителите на пониските општи правни акти, преку кои се разработува и операционализира уставната норма и претставува патоказ за тоа како треба да се формулира пониската норма. Консеквентно на денешната тема, ова се однесува и на определување на содржината на темелната вредност на уставниот поредок, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата, вели Кацарска.

Таа додаде дека уставна обврска на државата е да обезбеди услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина и надлежност на единиците на локалната самоуправа, општините и градот Скопје во делот на заштита на околината како прашање од локално значење.

– Меѓутоа во овие уставни слободи и права не спаѓа правото на здрава животна средина, што значи дека во моментов не е возможна ваква уставно-судска заштита. Мое мислење е дека во рамките на следната уставна реформа треба да се предвиди воведување на уставна тужба, како инструмент на заштита на сите уставни слободи и права вклучувајќи го и ова право. Тоа ќе значи еден нов квалитет за остварување и заштита на слободите и правата, каде покрај апстрактно ниво, Уставниот суд и во конкретен случај ќе може да даде видна заштита, појасни Кацарска.

Фото: Б. Грданоски

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини истакна дека Министерството има предлог-закон за инспекција во полето на животната средина и во тек се јавни консултации за мерки и процедури за давање на дозволи за вода и подобрување на водните ресурси.

– Уставните судови треба да ја покажат својата способност да можат да работат и да дејствуваат на полето на животната околина за да можат да се поправат сите штети што се направени на средината. Исто така, е тешко да се најде соодветна ориентација особено кога штетата е неповратлива, вели Нуредини.

Тој додаде дека големо влијание имаат и климатските промени, во кои треба да се вклучат пристапот до информации и правда.

– Во државата ги имаме обезбедено овие права во рамки на нашето законодавство особено во последниот период кога ја хармонизираме нашата легислатива со стандардите на ЕУ. Во нашиот општ закон за зачувување на природата ги опфаќаме сите релевантни прашања и ни обезбедува работен механизам за остварување на овие активности и права, заклучи министерот.

Амбасадорката на Велика Британија во Северна Македонија, Рејчел Галовеј нагласи дека е јасно оти социјално-економските и еколошки права можат да го променат начинот на којшто општествата се справуваат со климатските промени, но потребно е и да го промениме и начинот на однесување како нација.

– Има доста предизвици во однос на промената и нивната заштита преку законодавствата. Ние во Велика Британија сè уште учиме како да ги подобриме нашите закони и веруваме дека луѓето ќе го променат својот начин на однесување. Ние ги гледаме законите како обезбедувачи на рамка, а правосудниот систем треба да ги воспостави стандардите за што е добро и што е лошо и да се гради пракса преку која ќе се обезбеди заштита на природната околина за идните генерации. Ова се основни животни права и правосудството треба да ги штити, вели Галовеј.

Таа потсети и за активностите на Министерството за животна средина и просторно планирање во однос на чистењето на депониите, што беа поттикнати од Брисел. Како и за регулаторната задача што започна во 2020 година, со која беа воспоставени еколошки закони, овозможувајќи да се одредат целите за чиста животна средина.

По воведните обраќања конференцијата продолжи со дискусија и размена на искуства од судовите од регионот, односно од искуствата на Уставните судови во заштита на животната средина во Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Словенија.

Оваа конференција се одржува во рамките на проектот „Проект за добро управување со животната средина “, кој го спроведува Центарот за правни истражувања и анализи заедно со Британската амбасада во Скопје.

Проектот има за цел да го привлече интересот на сите релевантни чинители и да го постават прашањето дали сопствените иницијативи на Уставните судови за заштита на животната средина би значеле мешање во работата на судството.