Потребите на бизнисот големи, колкави се можностите на државата за поддршка

Приватниот сектор е двигателот на економијата и без да му се помогне со квалитетни финансиски мерки земјата нема да може да постигне никаков раст ниту развој во наредните години, укажуваат од Сојузот на стопански комори

Средбата која што денес се одржа помеѓу првите луѓе во Сојузот на стопански комори и министерот за економија Крешник Бектеши уште еднаш покажа дека проблемите на компаниите засегнати од корона кризата се големи и дека Владата ќе треба да направи брза и прецизна анализа кому и колку да ја „дозира“ помошта која што се најавува во четвртиот пакет мерки. Претседателката на ССК, Данела Арсовска предупреди дека без економија ќе немаме ништо во државата.

„Важно е да почнеме да функционираме и да им дозволиме на сите оние кои што вложиле многу во изминатите години да преживеат и да имаат начин како да ги задржат и работните места, но и како да ги прехранат своите семејства“, рече таа на прес конференцијата пред просториите на ССК. Ова особено се однесува на оние фирми кои со одлука на државата изминатиот период останаа целосно затворени, а кои веќе два месеци ниту добиваат помош од некоја од мерките, ниту пак остваруваат било каков приход.

Од Владата веќе најавија дека четвриот пакет мерки е во подготовка, се вршат интензивни консултации со стопанските комори, со синдикатите и се дебатира на економско социјалниот совет. Бектеши денес потврди дека се подготвува и ребаланс на Буџетот во чии рамки ќе има и повеќе средства за мерките од четвртиот сет кои ќе бидат таргетирани за оние на кои им се најопходни, но како што додаде и без тоа министерствата имаат право да вршат прераспределба на средства во износ од 30 отсто. Плус, од досега преземените мерки, дел од средствата се нереализирани и тие исто така ќе се наменат за поддршка на фирмите и граѓаните.

„Ги чекаме проекциите од Министерството за финансии, верувам дека идната недела ќе се донесе одлука, но имајќи во предвид дека со третиот сет мерки Министерството за економија доби речиси најмногу од сите други институции со оглед дека покриваме и мали и средни претпријатија, политиките во делот на индустријата, секторот туризам. Ако треба да се креираат итни мерки, секако имаме таква можност како институции и како влада, со прераспределба на Буџетот внатре во Министерството за економија, но и од другите институции во висина од 30 отсто“, вели Бектеши.

Тој објаснува дека во постојниот Буџет кој што беше усвоен во вонредната состојба, некои од мерките се искористени 70 – 80 отсто што остава простор институциите да направат распределба на тие средства, како и дека мерките ги дизајнираат со стопанските комори.

„Како министерство можеме да распределиме средства за да им излеземе во пресрет на барањата на коморите“, вели тој.

Во однос на мерката ваучери за туризам за која беа предвидени 12 милиони евра, Бектеши вели дека до сега се потрошени 3 милиони евра и дека очекува до 15 декември да се потрошат 7-8 милиони евра.

„Ова ни дава простор да креираме дополнителни таргетирани мерки за секторот туризам или за други погодени сектори“, вели министерот. Без да сака да навлегува во деталите на мерките што се подготвуваат Бектеши вели дека за угостителството се разгледуваат и даночни олеснувања, но и директни субвенции за туристичките агенции и за секторот туризам.

„Ние добивме предлог мерки од коморите, некои мерки и во претходниот период беа реализирани од Министерството за економија, но имајќи ја предвид пандемијата, Буџетот ќе биде многу поголем од тоа што беше претходно“, вели Бектеши.

Една од мерките е и промовирање на земјата како туристичка дестинација во земјите каде што имаше раст и до 30 отсто, со цел да се вратат тие туристи, но и кризата да се гледа како можност да се привлечат повеќе туристи и од други држави.

Премиерот Зоран Заев на една до средбите со стопанските комори рече дека Владата располага со „резервоар“ од 200 милиони евра. Дали тој ќе биде надополнет со прераспределба на средства од Буџетот или пак ќе биде неопходно дополнително задолжување, за сега не е познато. Тоа ќе го покаже ребалансот кој се подготвува. Но, од бизнисот укажуваат дека досегашната помош за компаните не била доволна, особено ако се споредиме со други земји во регионот и пошироко.

„Новиот пакет мерки не сме го виделе, но забелешка за претходните три беше дека сумата која што беше одвоена, не зборуваме за директната поддршка на сметките на граѓаните, туку сумата што пристигна на сметките на претпријатијата, беше навистина мала во споредба со пакетите во земјите од регионот и надвор од него. Процентуално, во износ од БДП имавме најмал пакет и се надеваме дека со четвртиот сет економски мерки ова ќе се корегира, особено имајќи во предвид дека приватниот сектор е двигателот на економијата. Без него, односно без да му помогнете со квалитетен финансиски стимулус, ние нема да може да постигнеме никаков раст ниту развој во наредните години“, нагласува Арсовска.

Претседателката на ССК вели дека предлозите кои што ги имале се менуваат затоа што се менуваат и состојбите, кои според неа сега се значително влошени.

„Она што било валидно пред неколку месеци сега е ирелевантно. Компаниите се во таква состојба каде што се директно толку многу ефектуирани од она што се случува, што не се во можност да ги исплаќаат ниту основните месечни трошоци и се подлабоко запаѓаат во долгови, затоа што одлучија да не ги испуштаат своите вработени и тековно да продолжат со работењето во надеж дека ќе се подобрат состојбите“, вели таа.

Едно од главните барања од нивна страна е безусловно да се изготват протоколи за сите национални дејности кои што постојат во Македонија, како што тоа го има во другите држави.

„Дали и кога ќе биде дозволено некоја дејност да работи, таа мора да има протокол за работа. Тоа треба да биде добро направено и однапред подготвено за да не се чека во пет до 12 некоја дејност да отпочне со работа и да не се дозволи ова што сега се случува“, вели Арсовска.

Од ССК исто така бараат поддршка за дејностите кои што се принудно затворени и на кои со уредба не им се дозволува да работат.

„Веќе два месеци се без никакви приходи и без никаква финансиска помош од државата. Последната помош што ја добија за плати за вработените е за јуни, а сега сме септември, што значи дека повеќе од два месеци се и без поддршка и без приходи. Очекуваме со четвртиот пакет на сите оние на кои им е тоа неопходно, да добијат директна финансиска поддршка, особено оние кои се принудно затворени со закон, но и на сите останати да им се овозможа бескаматни кредити за да можат да ја одржат ликвидноста и да го пребродат овој период затоа што се соочуваме со затворање на дел од претпријатијата и тоа не по нивна вина – не поради лошо менаџирање или дека не знаат да ја извршуваат нивната дејност, туку се засегнати од глобална пандемија“, укажува Арсовска. (М.Ј.)