Потребен е филтер за спречување на влез на корозивен капитал во земјава

За сега, Северна Македонија, но и сите земји во регионот немаат механизам со кој што ќе можат да ги оценуваат квалитетот и самиот интегритет на инвестициите кои што влегуваат во земјата


 

Македонија треба што поскоро да примени механизам со кој ќе овозможи во земјава да влегува капитал со интегритет, а ќе спречи инвестиции кои се потпираат на таканаррчен корозивен капитал, беше истакнато денс на конференцијата „Промовирање на конструктивен капитал во Северна Македонија“. На конференцијата се провираа три публикации поврзани со процесот на евроинтеграција, но повеќе насочени кон економските перспективи кои ќе ги  има земјата со почеток на преговорите.

„Првата тема се однесува на процесот на скрининг механизмот за странските инвестиции што доаѓаат во земјата. За сега, Северна Македонија, но и сите земји во регионот немаат механизам со кој што ќе можат да ги оценуваат квалитетот и самиот интегритет на инвестициите кои што влегуваат во земјата. Преку една од публикациите промовираме механизам кој што веќе постои во ЕУ како таков и постои регулатива која Македонија со почнувањето на преговорите ќе мора да ја имплементира. Ние отидовме чекор понатаму и ја утврдивме која е потребата од ваков механизам да се воведе што е можно побрзо особено сега во светло на воената агресија на Русија врз Украина“, истакна пред почетокот на конференцијата Зоран Нечев од Институтот за демократија.

Одговарајќи на прашањето дали може ли да се очекува зголемен прилив на странски инвестиции со оглед на кризата, тој рече дека тоа зависи од инвестициската клима која што ќе ја креира државата.

„Пред се овој механизам ќе придонесе кон тоа да се утврди дали тие инвестиции претставуваат инвестиции со интегритет, дали се солидни и ќе предизвикаат зголемување на нови работни места, ќе ја подобрат инвестициската клима, конкурентноста на економијата и тн. Или, пак, станува збор за некоја инвестиција која што доаѓа од некаде и станува збор за некој вид корозивен капитал, кој откако ќе влезе во земјата многу е тешко да се искорени, а може да направи огромни проблеми во нашата економија. Со тој механизам се утврдува начинот, односно филтерот на кој што овие инвестиции мора поминат за да влезат во земјата“, посочи Нечев.

Џон Кеј, програмски офицер за Европа и Евроазија во Центарот за меѓународно приватно претпријатие (CIPE), непрофитна организација со седиште во САД, рече дека се тука како поддршка на промоцијата на трите публикации за привлекување на она што го нарекуваат конструктивен капитал, и да се спречи влегувањето на она што го нарекуваат корозивен капитал.

„Со други зборови инвестиции кои се транспарентни и кои имаат позитивно влијание врз локалниот бизнис и врз растот на економијата“, рече Кеј.

Конференцијата ја организираат Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Центарот за меѓународно приватно претпријатие (ЦИПЕ) и таа претставува завршен настан на проектот „Адресирање на корозивниот капитал во Северна Македонија“ поддржан од Центарот за меѓународно приватно претпријатие (CIPE) имплементиран од Институтот за демократија.

На настанот се презентираат трудовите: „Механизам за проверка на директните странски инвестиции во Северна Македонија – зошто и како?“ од Драган Тилев, Зоран Јовановски и Виктор Мизо, „Импликации од ЕУ механизмот за прилагодување јаглеродните граници врз Северна Македонија“ од Златко Ветеровски и Силвана Мојсовска, „Интегрирање на компаниите од Западен Балкан во европските синџири на снабдување“ од Јоханес Хајдекер и „Демократија што испорачува: Промовирање на конструктивен капитал во Бугарија и Северна Македонија“ од Центарот за демократски студии.