Потесниот избор за Оскар за најдобар документарец ќе се знае вечерва – во трка и „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска

Оваа листа е последниот филтер пред официјалните номинации за Оскар, кои ќе се објават на 22 јануари и влегуваат најдобрите 15 филмови од 86 земји од целиот свет


Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, вечерва, во Лос Анџелес, ќе го објави потесниот избор за оскарите 2026 во категориите „најдобар  документарец“ и „најдобар странски филм“. Оваа листа е последниот филтер пред официјалните номинации за Оскар, кои ќе се објават на 22 јануари и влегуваат најдобрите 15 филмови од 86 земји од целиот свет. 

Ова е година кога има неколку фаворити, но и нови филмови – и многу наслови со потенцијал за вкрстување. Како и секоја година во оваа фасцинантна и просветлувачка категорија, има интересни документарци од сите области.

„Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска е наш кандидат за Оскар за категоријата “најдобар странски филм”, а токму National Geographic го пријавува овој филм за трката за Оскар, во категоријата “најдобар документарен филм”. Со самото пласирање во двојна оскаровска трка, повторно имаме шанса поради Котевска, корежисерката на „Медена земја“, за двојна номинација за Оскар.

Агенцијата за филм на Северна Македонија со 100.000 евра ја поддржа кампањата за Оскар на документарниот филм бидејќи смета дека од исклучителен национален интерес.

„Кампањата за Оскар ја поддржува „Нешенл џеографик“ (National Geographic). Целиот буџет е околу 700.000 евра, Македонија учествува со 100.000 евра што е фантастична сума во споредба со тоа каков буџет нудат регионалните фондови  кои немаат ни филм што има реални шанси за Оскар, рече на прес-конференција во Скопје, в.д. директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски. 

„Приказната за Силјан“ кој имаше светска премиера во Њујорк,  доловува една уникатна приказна за симбиозата помеѓу македонскиот земјоделец Никола и повредениот штрк Силјан за кој тој почнувада се грижи. Филмот зад кој стои меѓународен тим, отвара прашања поврзани со животната средина, која директно влијае врз самата егзистенција и начинот накој ќе продолжат да опстојуваат јатата штркови, исплатливоста на индивидуалното земјоделство, семејствата коишто се соочуваат со синдромот „празно гнездо“, упорноста на еден човек и неговите истрајни избори токму кога животот носи предизвици.

Во филмот е силно присутна и македонската митолошка приказна за Силјан која како да е дел од животот на главниот протагонист во филмот, Никола. Митолошката приказна за Силјан во филмот на Котевска станува “Приказна за Никола и Силјан” и носи утеха во суровиот материјален свет. Оваа утеха кај гледачите после проекцијата на филмот прераснува во една поинаква грутка која можеби ќе ги натера да направат поинакви животни избори или ќе ги мотивира да истраат во сопствените убедувања.

Документарецот премиерно беше прикажан во Венеција, каде што ја освои наградата за кино и уметност, а потоа следеа појавувања на TIFF, Ваљадолид и Чикаго (најдобар документарец). Исто така, освои награди за најдобар долгометражен документарец и најдобар режисер од Меѓународната асоцијација на документарни филмови и е номиниран за Indie Spirit. (Л.С.)