Потерница по битолчанец кој својата партнерка ја држел затворена во Нижеполе и ја тепал


Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против 40-годишник кој се товари за противправно лишување од слобода, како и телесна повреда на својата поранешна партнерка.

– Јавниот обвинител веќе има издадено наредба за распишување на национална потерница и ги презеде сите дејствија неопходни за евентуална екстрадиција на лицето доколку се утврди дека се наоѓа во друга држава, соопштија од ОЈО Битола.

Јавноста претходно беше запознаена дека на 21 октомври 2024 година обвинетиот при семејно насилство и на свиреп начин противправно на сила ја држел затворена својата поранешна партнерка во викенд куќа во атарот на селото Нижеполе. Притоа ја удирал со тупаници, шлаканици и клоци по главата и телото, ја влечел за косата и телесно ја повредил. Неможејќи да го издржи насилничкото однесување, жртвата посегнала по нож и си ги пресекла вените на левата рака. И покрај тоа, обвинетиот продолжил да ја удира и да ја малтретира.

Од самиот почеток на кривичната постапка, по предлог на јавниот обвинител, на обвинетиот му е определена мерка притвор која треба да започне да спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Со поднесеното обвинение сега Обвинителството бара притворската мерка да опстои, иако лицето се уште е недостапно за органите на прогонот, соопштија од ОЈО Битола.