Потенцијалната вакцина на АстраЗенека влезе во трета фаза на тестирање во САД
Фармацевтската компанија АстраЗенека денеска соопшти дека потенцијалната вакцина против коронавирус влегла во третата фаза на тестирање во САД за да се провери ефикасноста и безбедноста на производот.
АстраЗенека, со седиште во англискиот град Кембриџ, рече дека на тестирањата ќе учествуваат до 30.000 возрасни лица од различни расни, етнички и географски групи низ САД. Пробната вакцинација е финансирана од Националниот институт за здравство и Министерството за здравство и човечки ресурси.
Фармацевтската компанија наведува дека развојот на вакцината, позната како AZD1222, влегла во глобални фази на напредно тестирање во Велика Британија, Бразил и Јужна Африка. Предвидени се нови проби во Јапонија и Русија. Потенцијалната вакцина е развиена од Универзитетот Оксфорд и неговата филијала, Вачитех.
Во меѓувреме, АстраЗенека се подготвува за производство на вакцината во голем обем.
Оксфорд Биомедика денеска соопшти дека потпишал договор со АстраЗенека за „комерцијално производство“ на AZD1222. Компанијата вели дека ќе има резервирани капацитети во новиот производствен центар во Оксфорд, за почетен период од 18 месеци, со можност за продолжување на договорот за уште 18 месеци.
Оксфорд Биомедика, исто така, информира дека ќе добие 15 милиони фунти како такса за резервација на капацитети, покрај 35 милиони фунти за производство на вакцини во голем обем доколку се покажат ефикасни.