Посветеност на Скопје до последен момент за деблокада на преговарачката рамка


Во пресрет на утрешниот состанок на Советот за општи работи во Брисел на кој треба повторно да биде разгледана и да се одлучува за преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија, земјава останува посветена на напорите за придвижување на процесот и покрај минималните шанси за повлекување на најавеното вето од Софија, која инсистира нејзините барања во врска со историјата да бидат вклучени во рамката.

И додека од Софија деновиве официјално не се соопштува дали е можен пробив и деблокирање на преговарачката рамка што треба да го отвори патот за одржување на првата меѓувладина конференција и отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, Скопје подвлекува дека каналите за комуникација со Софија се континуирано отворени. Македонската страна е децидна – не се разговара за идентитетот и јазикот. Станува збор за  документ, кој би бил меморандум или протокол што дополнително би се утврдило, насочен кон имплементација на Договорот за добрососедство и соработка.

Премиерот Зоран Заев до последен момент не го напушта оптимизмот дека сепак е можно Бугарија да се откаже од најавеното вето за почеток на пристапните преговори за С. Македонија до крајот на годинава во рамки на германското претседателство.

Потврди дека со Република Бугарија се постојано отворени каналите за комуникацијата и интензивно се разговара за прашањата што се актуелизираа и што се поставуваат како пречка за согласноста за усвојување на преговарачката рамка за Република Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Го оцени како конструктивен настапот на министерот за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов за време на радио интервју викендот и истакна дека од разговорот е видливо дека Каракачанов нема проблем да го прифати фактот за постоењето на македонскиот јазик и македонскиот народ.

-Ние остануваме подготвени во духот на пријателство да ги градиме меѓусебните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија и да ја градиме нашата заедничка иднина. Искрено се надевам декa уште постојат шанси да се прифати преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ. Тимовите на двете министерства за надворешни работи интензивно разговараат и сметам дека патоказот за кој се дебатира е одлична основа за да остане вратата отворена за решавање на прашањата што се најдоа на патот на европските интеграции на Северна Македонија, рече Заев.

Тој е внимателен оптимист дека Бугарија ќе направи позитивен исчекор во однос на нашите евроинтеграции иако, вели, нема да не изненади и треба да бидеме подготвени за одложување на ова прашање за што, наведува, може да повлијаат и изборите што земјата ја очекуваат во март следната година.

-Јас реално очекувам пријателска Бугарија да направи исчекор. Знаат и самите, знаеме и ние дека секогаш на секое поглавје може да биде застанат процесот за сите земји, па така и за Северна Македонија.  Имајќи го тоа предвид имаме акциски планови, имаме наративи, меморандуми како да ги забрзаме процесите на градењето на уште поголемо пријателство помеѓу Македонците и Бугарите, но и сите граѓани во Република Северна Македонија. Верувам дека можеме да успееме на тој пат. Во најмала рака, неколкупати предупредив знаејќи ја суштината на разговорите, нема да не изненади, треба да бидеме подготвени дека ќе се одложи ова прашање. Бугарија имаше разбирање кога беа изборите во Република Северна Македонија, претстојат избори во Бугарија. Не велам дека тоа е причината, но не е исто кога сте пред избори и кога не сте пред избори, потенцира Заев.

Во врска со употребувата на придавката „македонски“, која ја закочи работата на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања поради различно толкување на Преспанскиот договор, Заев оцени дека Договорот од Преспа јасно разликува кога таа се користи како наша идентитетска одредница. Жали што не бил постигнат напредок, поради како што оценува, немањето инвентивност и храброст, но подвлече дека во делот на историјата работата е на експертите и професионалците, кои е уверен дека ќе изнајдат решение.

Владиниот коалициски партнер лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера изјави дека верува во решавање на македонско-бугарскиот спор и очекува дека Бугарија ќе ги надмине чувствителните теми. Според него, колку повеќе чекаме, толку повеќе емоции се влеваат во историските прашања.

– Ги поддржуваме нашите сограѓани Македонци во овој многу значаен процес и сметам дека и бугарската страна ќе ги има предвид овие значајни процеси. Верувавме дека Бугарија ќе најде сила да ги надмине овие емотивни ситуации, затоа што ако Балканот се внесе во историјата,  ќе треба навистина да изградиме нов Балкан. Од голем интерес е ние да не го изгубиме чекорот за членување во Европската Унија, рече Ахмети во изјава за Канал 5.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинуваат дека Владата придавката „македонска“ ја ставила на маса во преговорите со Бугарија и стравуваат дека, како што велат, ќе се откаже од македонската историја, македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

Александар Пандов, претседател на Патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот перформанс пред Владата изјави дека четворката Зоран Заев, Никола Димитров, Бујар Османи и Владо Бучковски, нарекувајќи ги „банда далтони“ која во моментот одлучува за македонската судбина, за македонската сегашност и македонската иднина, немаат мандат и не смеат да одлучуваат за македонската иднина.

Минатата недела Владата го именуваше поранешниот премиер и екс претседател на СДСМ Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија со мандат од една година. Целта е како што посочија од Владата, да се заокружи со успех процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и да се создаде атмосфера за реализација на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и добрососедство.

Заев изјави дека Бучковски треба да биде само мотиватор за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство, а оти преговорите за изнаоѓање решение и натаму ќе ги води Министерството за надворешни работи.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, минатата недела порача дека решението со Бугарија е во Договорот за добрососедство.

– Кога двете страни ќе се уверат дека решението е во Договорот, мислам дека се друго ќе дојде на свое место. Преку создавање акциски план договорот ќе има предвидливост, со цел да испорача. Никој не бега од обврските од Договорот, изјави Османи, додавајќи дека целта е да се врати довербата во процесот, да се надминат различните толкувања и да се најдат точки на зближување и на заедничко одбележување на историски настани и фигури.

Во однос на изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека земјава „треба да и излезе во пресрет на Бугарија за загриженостите што ги има“, шефот на дипломатијата порача дека е погрешно да очекуваме дека Комисијата може да има симетричен однос кон земја членка и кон земја кандидатка.

– И тоа не само Комисијата, туку која било друга земја членка. Целта зошто се бориме да станеме земја членка е токму тоа за да имаме симетричен однос кон нас и од Комисијата и од другите земји членки, додаде Османи.

Бугарски интелектуалци изминатиов викенд во отворено писмо упатено до премиерот Бојко Борисов, министерката за внатрешни работи Екатерина Захариева, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Софија, како и до Канцеларијата на ЕУ во нивната земја, побараа бугарската Влада да даде „зелено светло“ за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ без одлагање, односно тоа да се случи до крајот на 2020 година, во рамките на германското претседателство со Советот. Дебатите, наместо за историски прашања, да се префрлат на полето на соработката во културата, економијата, политиката, екологијата…Неприфатливо е, велат, оспорувањето на македонската нација и јазик, и несоодветно е да се очекува едната страна во преговорите да изврши политичко самоубиство. Предлагаат како еден од првите чекори да биде именувањето на транспортната инфраструктура меѓу двете држави на Коридорот 8, „Гоце Делчев“.

Официјална Атина, пак, засега, нема заземено став за разликите меѓу Скопје и Софија, а единствените пораки што доаѓаат од грчката Влада се дека и понатаму продолжуваат да ја поддржува европската перспектива на земјите од регионот. Професорот од Универзитетот „Македонија“ во Солун и виш научен соработник во грчката Фондација за надворешна политика „ЕЛИАМЕП“, Јанис Армаколас, во разговор со дописничката на МИА од Атина, за случувања на релација Скопје-Софија, коментира дека е неправдено тоа што и се случува на земјава и дека не е доцна Грција да направи нешто за да помогне во надминувањето на разликите и откочување на европерспективата.

Меѓу другото, вели тој, Атина не им стави јасно до знаење на партнерите и сојузниците дека Договорот од Преспа, односно „новиот стратешки однос со Северна Македонија“ и стабилноста и напредокот на земјата, се стратешки избор и интерес што е од витално значење.

– Ако го имаше сторено тоа, можеби ќе беше потешко, толку лесно да се постават пречки на патот на Северна Македонија. Но, не е доцна Грција да направи нешто суштинско. Мислам дека Атина, дури и сега може да го појасни нејзиниот избор за соработка и стабилност и да покаже дека нема разбирање за активностите што ја поткопуваат, директно или индиректно. Последиците од ваквата активација на Атина ќе бидат позитивни за стабилноста и европската перспектива на регионот, истакнува Армаколас

Во меѓувреме, потврдено е дека Софија останува излолирана во блокадата за С Македонија, кај сите останати земји членки нема дилема во однос на предложената рамка за преговори. Последна шанса за усвојување на рамката за С Македонија, како што јави дописничката на МИА од Брисел, е Самитот на ЕУ на средината на декември,  кога директните билатерални контакти помеѓу бугарскиот прмиер Бојко Борисов и останатите шефови на држави и влади на ЕУ ќе бидат прилика за нов обид за притисок. Особено по изјавата на канцеларката на Германија Ангела Меркел дека се надева оти до крајот на годинава ќе има придвижување за Северна Македонија.

Доколку Бугарија не попушти сега, првата половина на 2021 е под знакот на португалското претседателство кое има помалку интерес за проширувањето, а Бугарија има избори во март, така што, се посочува, најверојатно одлуката тогаш би се одложила дури за втората половина на 2021 кога претседателството ќе го има Словенија. Таквото пролонгирање предизвикува загриженост кај мнозинството земји членки во однос на одржувањето на реформскиот курс во Северна Македонија.