Постојните евро банкноти одат во историјата, Лагард бара целосен редизајн
По 20 години, време е да го ревидираме изгледот на нашите банкноти со цел да ги направиме подостапни за Европејците од сите возрасти и култури, рече Лагард
Евро банкнотите на кои се навикнати сите во еврозоната, но и пошироко, ќе се редизајнираат, јавија светските медиуми.
Имено, претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард побарала 19 експерти од членките на еврозоната, по еден од секоја земја, да изберат нов дизајн на банкнотите на валутата до 2024 година, пишува The Telegraph.
Во моментов банкнотите имаат прозорци, врати и мостови, а од ЕЦБ велат дека се базирани на различни епохи и стилови, пренесува Јутарњи лист.
Новиот дизајн ќе го дизајнира комисија од советници составена од експерти од многу области – од уметници и дизајнери до физичари и археолози, а банкнотите ќе го променат својот изглед за да ги направат подостапни за Европејците од сите возрасти и култури.

Откако панелот ќе осмисли нови визуелни решенија, ЕЦБ ќе ги стави на јавна дискусија. Следува конкурс, по што ќе се одржат дополнителни консултации, а конечната одлука за изгледот на новите евро банкноти ќе ја донесе Управниот одбор на ЕЦБ, органот кој вообичаено носи одлуки за каматните стапки и слични прашања.
Дигиталното евро нема да ги загрози банкнотите
Потегот за редизајнот доаѓа откако одлуката на ЕЦБ за можноста за имплементација на новото дигитално евро загрижи многумина и потенцијално сигнализираше крај на физичките пари.
Лагард нагласи дека банкнотите нема да бидат укинати.
– Банкнотите остануваат. Тие се тактилен и видлив симбол на заедничка Европа, особено во време на криза и се уште се исклучително барани. По 20 години, време е да го ревидираме изгледот на нашите банкноти со цел да ги направиме подостапни за Европејците од сите возрасти и култури, рече Лагард.

Во моментов во оптек се 27,6 милијарди евра банкноти во вредност од над 1,5 билиони евра.
Најмногу има банкноти од 50 евра – 13,4 милијарди, потоа следат банкнотите од 20 евра – 4,5 милијарди. Има две милијарди банкноти од 100 евра, а исто толку банкноти од 10 и пет евра. Банкнотите од 200 и 500 евра се поретки, ги има по една милијарда.
Банкнотите од 500 евра не се испечатени неколку години, но постоечките не се повлечени, туку останаа во оптек.