Поскромно со скромноста претседателе


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Еден симпатичен гест, од  „политичко-транспортна“ природа, за првото службено патување на новиот претседател на државата Стево Пендаровски деновиве успеа да го пренасочи фокусот на јавноста од  неизвесноста што наеднаш завладеа околу добивањето датум за почеток на преговорите со Европската Унија.

Токму таа неизвесност околу следната фаза на евроинтеграцискиот процес беше  главната причина поради која Пендаровски се упати кон Брисел, покрај најавата што ја даде на еден од ТВ-дуелите за време на кампањата – дека европската престолнина ќе биде првата дестинација на која ќе слета откако ќе биде избран на функцијата. Но, тогаш не кажа дека планира да патува со редовна линија и со економска класа, како што отпатува завчера. Иако, ако го кажеше тоа навреме, сигурно ќе собереше уште неколку илјади гласови плус на изборното конто, со оглед на аплаузот што го предизвика веста дека шефот на државата, заедно со дел од членовите на неговиот кабинет, не се „вивнал во облаци“ по преземањето на функцијата, туку ете одлетал со економска класа.

Умерена доза на популизам никогаш не е на одмет во време на изборна кампања. Но, по преземање на висока државна или политичка функција попрепорачливо е  таа доза да се сведе на минимум. Тоа особено важи за првите месеци или барем за првата година од мандатот.  Кој било избран функционер барем на самиот старт може да си дозволи слобода да влече и непопуларни, ама рационални и државнички потези, функционирајќи сѐ уште на стара слава, односно на ловориките од неодамнешната изборна победа, без притоа да стравува дека тоа ќе му се одрази на рејтингот и дека може да му биде пречка за евентуално добивање нов мандат.

Пендаровски вчера заокружи само еден месец како шеф на државата. Пред него се речиси цели пет години, што е сосема доволно време за да покаже што знае и умее и да ги стави своите потези и политики пред судот на избирачите  доколку во 2024 година планира да влезе во битка за уште еден мандат. Затоа прашање е дали воопшто имаше потреба  од тоа новиот претседател, штотуку избран и  сѐ уште невлезен во претседателската резиденција, да најавува дека нема да бара апанажа и какви било привилегии откако ќе го заврши мандатот. Тоа можеше да го каже за време на кампањата, во функција на привлекување повеќе симпатии кај гласачите.  Исто така, ако навистина смета дека нема потреба од привилегии за бивши претседатели, ќе  има уште многу  прилики да го соопшти тоа во  месеците што следат или пред крајот на мандатот. Впрочем, ќе има шанса и да го покаже тоа на дело кога ќе треба да одлучи дали ќе замине во политичка пензија или ќе се врати на факултетот.

И далеку од тоа дека не е за поздравување гестот на Пендаровски – да се смеша со „обичните патиници“ во авионот. Скромноста, особено во политиката, а посебно кога станува збор за носители на највисоки државни функции треба секогаш да се цени и да биде на цена. Но, тоа не смее да биде и по цена на безбедноста на носителот на формално највисоката функција во  државата.

Оние што го познаваат Пендаровски уште пред да стане мошне експониран лик на политичката сцена во земјава, веројатно, ќе се согласат дека тој во суштина е скромен и приземен човек. Но, тоа не значи дека откако стана шеф на државата може да продолжи да живее во станот во Автокоманда, како што на пример поранешниот премиер Никола Груевски си дозволи „луксуз“ да остане да живее на „Бихаќска“ само за да биде третиран како народен човек, иако со тоа им го отежна секојдневието на соседите, па  дури и на тогашните опозиционери.

Тоа  не значи дека откако стана претседател може да се вози во старото „југо“ кое беше хит во камањата, а уште помалку да му станат преокупација  некакви си локални манифестации како „празијадите“ или “пивтијадите“ на кои редовно гостуваше претходниот претседател Ѓорге Иванов. Секако, дека шефот на државата, кога има време и кога не „гори“ во земјата на внатрешно-политички или на надворешно-политички план треба да се симне и на терен и да се помеша со граѓаните. Но, има и ситуациии кога слободно може да си дозволи  да патува и со специјален лет и во бизнис класа. Барем во случајот со  првото  претседателско патување на Пендаровски –  токму во  Брисел,  многу поважни се пораките  што  тој ќе ги размени на средбите со лидерите на ЕУ и нивното значење за очекуваниот датум за почеток на преговорите отколку тоа дали летал во економска или во бизнис класа.