Портпаролот на коалицијата Вреди ја замрзнува функцијата по обвинувањата за неговиот татко


Фото: Б. Грданоски

Потпаролот на коалицијата Вреди, Фари Хисени, денеска преку социјалните мрежи соопшти дека привремено ќе ги замрзне политичките активности, поради како што наведе самиот постапка од обвинителствот против неговиот татко.

Претходно во текот на денот, Јавното обвинителство соопшти дека отвори истрага против 58 годишен скопјанец поради преземени полови дејствија против малолетник роден 2008 година. Обвинителството во соопштението не ги наведе ниту иницијалите на осомничениот, но сепак дел од медиумите објавија дека станува збор за татко на портпарол на политички субјект.

Набрзо потоа Хисени соопшти дека до расчистување на случајот ги замрзнува политичките активности.

„Длабоко сум шокиран и повреден од веста што се појави во медиумите за мојот родител. Не можам да го најдам вистинскиот збор да го опишам овој момент! Ако овие наводи се покажат точни, тоа ќе биде страшен удар, не само за мене, туку и за целото мое семејство“, напиша Хисени на неговиот фејсбук – профил

Хисени вели дека само помислата дека се соочува со ваква ситуација му ја крши душата.

„Како луѓе, ние сме одговорни само за нашите сопствени постапки и вредностите за кои се залагаме, но тоа не ја менува мојата решеност да дејствувам. Затоа, за да не создадам некакво недоразбирање или погрешен впечаток, решив привремено да ги замрзнам моите политички активности. Не сакам од функцијата што ја имам да изгледа дека можам на кој било начин да влијаам врз институциите кои го истражуваат ова чувствително прашање. Цел мој живот сум активист за човекови права, борејќи се против неправдата и насилството. Не можам да бидам индиферентен, без разлика од каде потекнува сето ова. Исто така, во овие тешки моменти, понизно барам да се почитува приватноста на моето семејство. Ни треба простор за да се соочиме мирно со оваа ситуација, далеку од очите на јавноста“, напиша Хисени.

Од Јавното обвинителство Скопје претходно известија дека повеле постапка против 58-годишен скопјанец за кого постои сомнение дека извршил други полови дејствија врз дете родено 2008 година, со што сторил кривично дело согласно член 186 став 7 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Во раните утрински часови денеска, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство, осомничениот во парк во една населба го сретнал малолетникот со кого претходно се познавале и го повикал да разговараат, по што започнал да го допира.

– Малолетникот успеал да се извлече и го пријавил во полиција, соопштија од ЈО.

Со цел обезбедување на осомничениот и непречено водење на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител доставил предлог за определување мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска за јавување кај надлежен државен орган, одземање на патна и друга исправа за преминувањe на државната граница и забрана за воспоставување контакт со оштетениот.

Судијата на претходна постапка попладнево ги прифатил предложените мерки.