Порано се виткаше кичма во односите со Бугарија, а сега не, вели Мицкоски
Со тоа што на бугарскиот амбасадор денеска ќе му биде врачена протестна нота околу неистакнувањето на македонската знаме во Софија е политика кога веќе не се витка кичма, објаснуваше денеска премиерот Христијан Мицкоски околу посетата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и разговорите со Румен Радев.
Порано се распродавало македонското достоинство, а денес се реагира на дипломатски начин.
„Во минатото кога се понижуваше и распродаваше достоинството македонско, тогаш се молчеше, се виткаше кичма и се соблазнуваа со тие коишто нè понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика, ниту дипломатска со свиткана кичма“.
Тој е истакна дека кога ќе се помине црвената линија треба да се реагира.
„Тогаш кога ќе се помине Рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира, зошто вие ако не реагирате тој исклучок потоа ќе стане пракса“, подвлече премиерот Мицкоски и додаде:
„Но, она што е поважно за мене е што Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, а тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери Бугари во Устав, тоа е најмалиот проблем, таму малку поголема или да бидам прецизен, многу поголема е потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери“.
На прашањето зошто македонската дипломатија не реагираше таму во Софија, каде имаше министри и претседател на држава, Мицкоски одговори:
„Па имаше реакција од Кабинетот на претседателката и мислам дека тамо стоеше многу јасно зошто тој ден не е реагирано, во интерес на почитта кон загубените трагични животи на пилотите коишто загинаа тој ден во Бугарија. Не сакавме да создаваме тензија, но добро е што и денеска се реагира, на овој начин. Порано, знаете, не ни пречеше што се виткаше кичмата и што се бакнуваа чевлите на нашите соседи и се молчеше. Тогаш не ни пречеше, и тогаш ни беше убаво и тоа беше европска вредност, а сега кога реагираме, зошто реагираме“.