Поранешниот директор на Фондот за здравство стана десна рака на Али Ахмети


 

Исклучително важната позиција во хиерархијата на ДУИ, шеф на кабинетот на лидерот Али Ахмети, му е доделена на поранешниот директор на Фондот за здравство, Фатон Ахмети.

Тоа е една од поважните одлуки на денешната седница на Претседателството на ДУИ на која продолжија промените во врвот на партијата. За портпарол на партијата е именувана поранешната пратеничка, Арта Биљали-Зендели. Таа е и еден од потпретседателите на партијата.

„Советник на претседателот Ахмети за односи со Соединетите Американски Држави ќе биде Шемседин Бекири. Именувани се и претседатели на ограноците на ДУИ. За Тетово е именуван Бајрам Реџепи, за Куманово Ридван Асани, за Струга Фатон Положани, за Гостивар Валдет Џафери и за огранокот во Чаир, Бујар Османи“, изјави по седницата Биљали-Зендели.

Таа не даде коментар за изјавите од министерот за надворешни работи и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски и на лидерот на СДСМ Венко Филипче за тврдењето на Али Ахмети „дека ја растурил Југославија“.

„Јас би претпочитала да ги оставам тие одговори и реакции на Муцунски и Филипче на нив, не би сакала да коментирам“, рече Биљали-Зендели.