Порака од Атина: Преспанскиот договор не може еднострано да се измени

Меморандумите ќе се ратификуваат кога ќе постои целосна усогласеност во спроведувањето на Договорот од Преспа, вели министерот Герапетритис


 

АТИНА – Доцнењето на ратификацијата на трите меморандуми со Северна Македонија, според шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, не е поради внатрешните политички околности во Грција, туку поради „односите што се развиваат по Договорот од Преспа“, за кој уште еднаш повтори дека е меѓународен договор што не може еднострано да се смени и ги обврзува сите влади.

Министерот за надворешни работи на Грција, за време на неговото учество на Делфи економскиот форум, говореше за сите теми поврзани со грчката дипломатија, а одговори и на прашањето кога меморандумите ќе бидат ратификувани од парламентот.

Тој објасни дека „ќе има напредок кога политичките околности ќе го дозволат тоа“ и ова, како што посочи, не се однесува на „внатрешните политички услови“ во Грција. 

„Договорот од Преспа е меѓународен договор. Меѓународните договори кога се потпишуваат го надвладуваат секој друг закон. Не можат да се изменат еднострано и ја обврзуваат секоја влада, па така ние, она што мораме да го сториме е да го следиме доследното спроведување на Договорот од Преспа и тоа го правиме. Кога ќе постои заедничко разбирање, заемно разбирање, кога ќе има ситуација на целосна усогласеност, овие меморандуми ќе дојдат за ратификација во грчкиот парламент, истакна Герапетритис на панел-дискусијата.

Шефот на грчката дипломатија, говорејќи за регионот, уште еднаш ја повтори поддршката на Грција за ЕУ перспективата на сите земји од Западен Балкан, посочувајќи дека е потребно почитување на основните принципи како што е владеењето на правото, додека пак за односите со Албанија и за случајот со градоначалникот на Химара Фреди Белери истакна дека не станува збор за билатерално прашање, туку за европско. (МИА)