Поради пандемијата карневалот во Рио де Жанеиро ќе се помести за јули


Училиштата за самба во Рио де Жанеиро соопштија дека славниот карневал ќе се одржи во јули 2021 година, а вообичаените поворки во февруари се одложени поради епидемијата на коронавирусот.

Но, според Лиеса, главната асоцијација на училишта за самба во градот, новиот датум ќе зависи и од достапноста на вакцините, како и од одлуката на владата дали во јули ќе прогласи неработни денови на национално ниво, што е средина на зимата на јужната хемисфера.

-Училиштата за самба одлучија карневалот да се одржи во јули доколку има вакцина и доколку се прогласат празници, изјави портпаролот на Лиеса, Винсенте Датоли. Но, додаде: „доколку нема вакцина, нема да има ништо од тоа“.

Карневалот, со мноштво весели и разиграни луѓе на улиците не само во Рио де Жaнеиро, туку и низ целиот Бразил, традиционално се одржува во февруари или март.

Карневалот во Рио секоја година привлекува безброј туристи, а секое училиште е претставено од речиси 3.000 костимирани изведувачи кои танцуваат и пеат на „Самбодромот“.

Поради Ковид-19, веќе е откажан и традиционалниот новогодишен огномет, што редовно привлекува милиони посетители на познатата плажа Копакабанa во Рио.