Поплавени улиците во Кисела Вода: Орце не ја подготвил – сега го „спасува“ Скопје


Фото: Б. Грданоски
 

Силниот дожд попладнево во Скопје, кој траеше подолго време, ги наполни скопските улици со вода, а атмосферската канализација ретко каде можеше да ја собере сета вода. 

Според објавите на социјалните мрежи, Кисела Вода има најмногу поплавени улици, а за тоа граѓаните го информираат и градоначалникот на Скопје, кој пред да седне на функцијата беше градоначалник токму на Кисела Вода. 

Под постот на Фејсбук, во кој градоначалникот Ѓорѓиевски информира дека поради силното невреме Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со службите и јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен, доколку има штети, поплави или потреба од итна реакција, еден жител на Кисела Вода му пуштил фотографија на која се гледа сека улицата „Димо Хаџи Димов“ е речиси целосно под вода.

Улицата „Димо Хаџи Димов“
 
Друг пост е малку саркастичен, па скопјанец прашува: „Поплава или нова туристичка атракција? Улицата ‘Народни херои’ во Кисела Вода доби сопствен базен“, при што споделува и видео:

 

Ако по четири години градоначалствување Ѓорѓиевски не успеа да ги среди атмосферски улиците на неговата општина, како да очекуваат скопјани дека ќе ги среди барем булеварите во главниот град, кои му се сега во надлежност?

Брза реакција на службите откако ќе помине невремето, не е некое достигнување. Скопјани очекуваат еден силен, летен дожд да не биде проблем, барем во централното градско подрачје. 

Добро е што денеска пак, градоначалничката на Кислеа Вода Бети Стаменковска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и со заменик-министерката за животна средина, Ане Лашкоска, беа на увид на среденото корито на Мала Рада во Драчево, населбата во која живее градоначалникот Ѓорѓиевски, за да покажат дека тоа е уредено, исчистено и со пешачка патека покрај него. Веројатно драчевчани, полесно се движат по улиците по невремето, од нивните сограѓани од пониските делови на Кисела Вода.