Поплавен рудникот „Суводол“, производството на струја во РЕК Битола не е доведено во прашање


Обилните врнежи од дожд во битолско предизвикаа поплава на јагленовите откопни полиња во рудникот „Суводол“ на РЕК Битола. Од Електрани на Северна Македонија информираат дека ископот и транспортот на јаглен во моментот се во прекин и се вложуваат натчовечки напори за санирање на состојбите.

– И покрај елементарната непогода со која се соочува РЕК Битола, континуираното производство на електрична енергија од комбинатот засега не е е доведено во прашање и истото продолжува согласно планот и потребите на електроенергетскиот систем, велат од ЕСМ.

На терен e и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски заедно со директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски, како и комплетното раководство на комбинатот и стручните служби на РЕК Битола.

Според вработените, ваква непогода во рудникот не е забележана во последните 20 години.

За состојбите во рудникот известена е и Владата и Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување,како и Армијата преку Министерството за одбрана. Сите тие, како што велат од ЕСМ, ги ставиле своите ресурси на располагање за интервенција, доколку има потреба.

Слична е и состојбата во рудникот Брод Гнеотино каде во моментот се копа кровна јаловина. Се преземаат напори да се санираат штетите за да се подготви рудникот за дисконтинуиран ископ на јаглен на почетокот на септември, со цел да се добијат потребните колични за грејната сезона 2020/2021 година.

Ова е трета поплава на рудникот Суводол во РЕК Битола во рок од два месеци.