Поплавен делот за зрачење на Клиниката за онкологија – исклучени се апаратите за радиотерапија
Силното невреме што го зафати Скопје предизвика проблеми и на Клиниката за онкологија, јавуваат денеска дел од медиумите.
Според информациите, бил поплавен долниот кат на објектот каде што се изведуваат третманите со радиотерапија.
Директорот на Клиниката, Игор Стојковски, за порталот „Скопје1“ потврдил дека веднаш по настанот биле исклучени сите апарати за радиотерапија, со што, како што посочил, била спречена поголема опасност.
Пациенти кои биле во Клиниката сведочат за порталот дека по ходниците биле поставени ќебиња и чаршафи за да се впие водата и да се санира состојбата.
Исто така, според информациите кои ги пренесе „Скопје1“, во моментот на поплавата една пациентка се наоѓала на третман со јод која не можеле да ја извадат поради водата.
Сепак, директорот Стојковски посочил дека установата е во постојана комуникација со Агенцијата за радијациона сигурност и уверил дека ниту еден пациент не е изложен на ризик.