Пописот и државноста


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

ДУИ која како дел од претходната власт го стопираше пописот во 2011, сега удира форца што порано и „поуспешно“ да го заврши

 

Омилена теза на професионалните поддржувачи на пописот во дадениот момент и во дадените услови  – не само пандемиски туку и политички – е дека станува збор за чисто статистичка, што ќе рече техничка операција. Го ценам професионалниот предизивик на овие луѓе и знам дека би сакале да бидат оставени да си ја истераат работата без политички интервенции, без политизација на пописот. Но и тие самите, како и политичарите водат политика токму со таа теза дека пописот е чисто техничка операција. Друго би било да кажат дека пописот треба да биде статистичка операција. Но, тие велат пописот е статистичка операција, а сами знаат дека од тоа како треба, до тоа како е во стварноста овде има голема дискрепанца!

Политиката е медијатор меѓу светот на посакуваното, пожелното, на пропишаното и светот на стварното, на „ненормалното нормално“. А политичарите, значи луѓето кои ги прават своите животи и животите на своите семејства токму како премостувачи меѓу овие два света, даваат сѐ од себе да го одржат тој јаз. Меѓу другото, кога се на власт докажувајќи дека пописот е чисто техничка операција, а кога се во опозиција дека тоа е ваква или онаква политика. Така, на пример, ни се случи ВМРО-ДПМНЕ еднаш како власт да го стопира пописот. Оваа истата партија, сега, како опозиција, го бојкотира. Истовремено, ДУИ која како дел од претходната власт го стопираше пописот во 2011, сега удира форца што порано и „поуспешно“ да го заврши! Држењето, пак на СДСМ како попис-фактор партија е обратно. Во 2011 година, веднаш по стопирањето на пописот, предлагаше тој да се спроведе наредната година, во април 2012 година.  Денес не го прифаќа опозицискиот предлог за одлагање на пописот за април наредната година! Само си ги замениле улогите, односно степенот на нивата државничка факторизација.

За разлика од нив, за сето тоа време, Ахмети-змот останува константа. Тој стопира, тој форсира попис и секогаш како власт! Неговите, министри, дипломати и други, не само дома туку и надвор, мобилизираат сили и одлуки не само за или против тековниот попис, туку и одлуки во врска со судскиот процес за претходно стопираниот попис и милионска штета по државата! И не само домашни сили. Тој за успех на пописот ангажира државни структури на две туѓи држави – од Косово и Албанија! Се чини како, токму само овој политички фактор, со своето држење да ја држи, да ја прави државата Република Македонија! И не само со односот кон пописот, туку и во врска со многу други аспекти на државноста во Република Македонија однесувањето на ДУИ и, пред сѐ, на факторот Ахмети во него се покажува како константа. Дека двете власти, извршната и законодавната веќе дваесет години зависат од волјата и политиката на овој фактор е јасно како бел ден. Но, иста е состојбата и со третата државна власт – најголем број од раководните функции во судството ги извршуваат негови ополномоштеници. Ахмети-змот држи константа и во управната власт во државата. За тоа сведочи, на пример, токму вето силата на потписот („врзан“ или не) на заменик-директорот на Државниот завод за статистика – на државната институција која како што нѐ убедуваат пописот го спроведува само како статистичка операција.

Зошто и како се овие состојби со државноста дадена во раце на ДУИ си знаат водствата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Дали е можеби поради тоа што тие со неказнивоста на албанскиот фактор ги покриваат нивните незаконски дејанија како совладетели на ДУИ?! За ова не знаме туку само логично препоставуваме. Но, знаеме, дека ниту едната ниту другата не прават попис, односно дека од Македонија не прават држава тие туку дека тоа го прави водството на ДУИ? Оти името „држава“ го заслужува само онаа општествена сила или онаа општествена структура која држи, одржува одредена состојба, која е држател на населението кое живее на територијата под интернационално призната јурисдикција. За волја на вистината, ниту ДУИ не е седржател. И нему, а би рекол дури и дека најмногу и поради тоа што токму таква структура стана и функционира како државен фактор број еден, населението масовно ја напушта територијата на која оперираат овие водства.

Пописот и на едните и на другите им служи само како средство за изработка на волшебното огледало, кое кога ќе го погледнат ќе им кажува дека се тие најдобри во  земјата на бојкотите – на парламент, на избори, на референдум, на попис. Да се потсетиме, ова не е прв пат системска политичка партија да повикува на бојкот на пописот Не сум водел педантна статистика за тоа, но ми се чини дека резултатот е скоро изедначен.  За да бидат сосема квит, сега е редно СДСМ да се согласи на одложување на пописот. За тоа има и тоа како оправданост. Секако и сега како и претходните пати не ќе има ни „К“ од заканите со казна за бојкотирачите или повикувачите на бојкот. А нема затоа што нема кој да спроведува закони во држава во која политичката власт се одржувала и се одржува со нелегални средства. Како во вицот со пописот на свети Петар.   

Имено, правејќи попис на населението во рајот, свети Петар согледал дека му недостасува една добра душа. Го отвора компјутерот и гледа дека еден инженер по грешка бил попишан во пеколот. Свети Петар му ѕвони на  архангел Луцифер и му кажува дека инженерот по грешка се нашол во пеколот и дека очекува да го испрати горе во рајот. На тоа Луцифер одговара дека нема шанси да го пушти, бидејќи тој им поправал сѐ што било расипано од техника во пеколот и дека благодарение на неговата стручност и знаење тие сега живеат рајски и речиси за џабе. Луцифер дури и се пофалил – инженерот изумил начин за искористување на термодинамиката за производство на струја. И заради сето тоа, рекол Луцифер, нема шанса да му го испрати на свети Петар за да му се совпаднале пописните податоци. На тоа свети Петар се пожалил дека тоа е незаконски и се заканил дека нема избор и дека ќе мора да тужи на суд. Луцифер (ѓаволски смеејќи се) му дофрлил – забораваш кој и каде ги држи законџиите, правниците, адвокатите!

(Ило Трајковски е универзитетски професор)