Поп-сцената во тага: Почина пејачот Шпат Касапи


Албанската поп-сцена, и публиката во Македонија и регионот, денес останаа без едно од своите најпознати имиња. Познатиот поп пејач Шпат Касапи почина рано утринава, на 40-годишна возраст, по срцев удар што го доживеал за време на престој во Италија.

Според првичните информации, Касапи немал претходни сериозни здравствени проблеми, но инфарктот бил фатален и лекарите не успеале да му го спасат животот. Веста за неговата смрт брзо се прошири преку македонските и албанските медиуми и предизвика шок во музичката заедница и кај фановите кои со години го следеа.

Шпат Касапи е роден на 1 мај 1985 година во Тетово, во семејство со силна музичка традиција, што уште од детството го насочило кон сцената. Кариерата ја почна на почетокот на 2000-тите и брзо се претвори во идол на младата публика со својот модерен поп-стил, лесни мелодии и препознатлива сценска енергија.

Неговите песни станаа хитови на албанскиот и косовскиот музички пазар – меѓу најпознатите се „A më do?“, „Valle Kosovare“, „Dashni pa limit“, „Aroma e saj“ и низа други синглови кои години наназад се вртеа на регионалните телевизии и радио-станици. Со албуми како „Gajdexhiu“, „Medikament“ и „Pa ty s’jetoj“, Касапи си обезбеди место меѓу најпрепознатливите поп-имиња на современата албанска сцена.

Покрај музиката, Шпат Касапи имаше и кратко, но значајно искуство во јавниот сектор: беше советник за култура и општествени прашања на првиот вицепремиер во претходната влада, Артан Груби. 

Касапи е син на Ѓулумсер Касапи, поранешна пратеничка на СДСМ во македонското Собрание.

Зад себе остави сопруга и едно дете.