Понудените цени за новата реколта тутун за производителите се неприфатливи
Не се согласуваме и ги отфрламе новите цени на тутунот за новата реколта што ги понудија откупувачите, реагираа од Сојузот на земјоделските здруженија на денешната прес-конференција во Прилеп. Од откупувачите добија помалку од 5 проценти зголемени цени во договорите за новата реколта. Од досегашната 420 денари за прва класа, понудената цена е само 430 или 435 денари, револтирани се производителите.

– Откупните компании ни ги доставија цените и ние веднаш ги одбивме. Нивните понудени цени за нас се неприфатливи. Има мала разлика од компанија до компанија и понудените цени се движат од 430 до 435 денари за прва, 370 денари за втора и околу 305 денари за трета класа. Само да напоменам дека ланската реколта 98 проценти беше откупена во прва класа која изнесуваше 420 денари за килограм, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија.
Сојузот не отстапува од своите понудени цени по класи за годинашнава, нова реколта тутун. Нивната понуда е 510 за прва, 460 за втора и 400 денари за трета класа.
-Ние не отстапуваме од цените што им ги понудивме на откупувачите. На тој став ќе останеме се до почетокот на откупот и ќе ги искористиме сите начини и можности – рече Ристески.

Тутунарите се обврзани сега да ги склучат договорите со откупувачите за новата производствена година. Во спротивно, според законот, нема да им се признае произведеното и може да им бидат изорани нивите, а интересот за тутунопроизводство е зголемен за 10-тина проценти.
– Нашата битка за повисоки цени не го запира склучувањето на договорите кое почна од 1 март. Интересот за тутунопроизводство е зголемен и според земјоделците тутунот е една од најрентабилните земјоделски култури кој, со субвенциите достигнува цена од 500 денари за килограм, вели претседателот на Сојузот на земјоделските здруженија Кире Ристески кој нагласува дека нема да отстапат од барањата за околу 20 проценти повисоки цени, во спротивно нема да им дозволат на откупувачите да ја купат новата реколта тутун.
Во меѓувреме, останува барањето на Сојузот во измените во Законот за тутун да се внесе одредба со која склучувањето договори да не може да се направи без одобрување на Сојузот, односно, легитимниот претставник на производителите.
Ланската реколта тутун од 26 236 тони, 98 проценти е откупена во прва класа./МИА