„Полска на Полјаците“: Илјадници луѓе протестираа во Варшава и 80 други градови против приемот на мигранти

Илјадници луѓе се собраа денеска во Варшава и 80 други градови во Полска за да протестираат против приемот на мигранти, објави ДПА. Митинзите беа организирани од крајно десничарската коалиција „Конфедерација“.
Демонстрантите скандираа „Стоп на имиграцијата!“ и „Стоп на имиграциската инвазија“ и држеа транспаренти на кои пишуваше: „Ова е Полска“ и „Полска за Полјаците“.
Антимуслимански и антисемитски симболи беа забележани меѓу толпите за време на протестите.
Имаше и контрадемонстранти во неколку поголеми градови.
Протестите беа релативно мирни. Но, во Варшава, полицијата мораше да интервенира кога крајно десничарски хулигани поврзани со фудбалскиот тим Легија Варшава нападнаа група контрадемонстранти.
Конфедерацијата е позната по својата реторика против странците, ЛГБТ лицата и ЕУ. Политичката сила има членови и во полскиот парламент и во Европскиот парламент. На претседателските избори во Полска претходно оваа година, кандидатот на „Конфедерација“ се најде на третото место, а нова анкета за новинскиот портал „Онет“ покажа дека над 30 проценти од испитаниците би го поддржале учеството на „Конфедерација“ во идната владина коалиција.