Полска ги отстранува двојазичните табли и ја намалува наставата на германски јазик


Советот на Европа го критикуваше односот на Полска кон германското малцинство во таа земја и негативните последици од намалувањето на часовите по мајчин јазик на само еден час неделно, како и отстранувањето на двојазичните табли.

„Извештајот на експертите кои беа во Полска во март оваа година ги наведува очигледните негативни последици од намалувањето на часовите по германски јазик во септември минатата година“, се вели во соопштението за печатот на Советот на Европа.

Извештајот препорачува враќање на старата практика од три наставни часа неделно. Советот на Европа очекува „зголемени напори“ од владата во Варшава за подигање на социјалната толеранција кон јазичните малцинства и културното наследство. Другата точка на критика се однесува на слабата застапеност на германскиот јазик во јавната администрација, како и отстранувањето на повеќејазичните табли од некои градови во југозападна Полска.

Според полските закони, двојазичните знаци и употребата на јазикот на малцинствата во јавните служби се практикуваат во оние локални единици каде одредено малцинство сочинува повеќе од 20 отсто од населението. По проширувањето на границата на локалната единица на градот Ополе, процентот на жители кои зборуваат германски паднал под таа граница, по што биле отстранети двојазичните табли.

Недостигот на јазици на малцинствата во јавните медиуми беше дополнително критикуван.

По Втората светска војна, големи делови од поранешна Германија, како што се Шлезија и Источна Прусија, како и областа покрај Одра и Висла, ѝ припаднаа на Полска, а најголемото мнозинство од жителите од германска етничка припадност беа протерани.

Конзервативната влада во Варшава е една од најжестоките критичари на германската политика.