Полска бара намалување на странската сопственост на медиумите


Полските државни компании треба да ги преземат медиумите од нивните странски сопственици во рамки на владините предлози за промени во овој сектор, изјави денеска полскиот министер за култура Пјотр Глински.

Владејачката полска партија Право и правда (ПиС) долго време тврди дека медиумите кои се во странска сопственост ја нарушуваат јавната дебата и неправедно ги критикуваат властите.

Лидерот на ПиС, Јарослав Качински во август рече дека Полска е подготвена да донесе правила со кои ќе се намали странската сопственост на медиумите, како што се весниците или телевизиските канали, но оттогаш не се објавени никакви предлози.

„Економист“ неодамна напиша дека германската издавачка групација „Верлагсгруп Пашау“ во разговари со полската нафтена компанија ПКН Орлен за продажба на нејзиниот полски огранок Полска прес.

На прашањето дали ПКН ја презема Полска прес, Глински за радиото РМФ изјави дека „мора да се признае дека тоа не е нормална ситуација“ и дека „целиот регионален печат“ е во рацете на една корпорација, германската.

Глински додаде дека „полските државни компании треба да купуваат медиуми кога е можно“ и рече дека не знае дали веќе се водат такви разговори.

Претставници на ПиС претходно изјавија дека реформите ќе се фокусираат на намалување на дозволениот странски удел во медиумските компании и дека законот ќе се заснова на постојните мерки во Франција и Германија.