Половина од партиите кандидирале само мажи на изборите


Огромен родов дисбаланс може да се забележи во кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори кои ќе се одржат на 17-ти октомври, каде 92% од кандидатите се мажи и само 8% жени.

Според официјалните податоци на Државната изборна комисија (ДИК), на изборите за локалната власт ќе се тркаат 299 кандидати за градоначалник во 81-та општина во Северна Македонија. Од нив 274 се мажи и само 25 жени.

13 од 24 партии и коалиции кои ќе учествуваат на изборите имаат кандидирано само мажи за оваа функција. Ситуацијата не е подобра ниту кај поголемите политички субјекти. ВМРО -ДПМНЕ имаат само 5%, додека СДСМ 7% жени помеѓу кандидатите за градоначалници. Во албанскиот политички блок, од вкупно 59 кандидатури кај ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, ДПА и БЕСА, има само 2 жени.

Најмногу жени во трка за градоначалничката функција ќе има во Кисела Вода, каде три кандидатки претендираат да бидат на чело на општината во следните четири години. По две жени ќе има и на изборите во Град Скопје, Аеродром, Центар, Тетово, Ресен и Могила. Дополнително во уште десет општини на гласачкото ливче ќе има само по една жена кандидатка за градоначалник.