„Политико“: Сиљановска почна кавга со Грција


Фото: Б. Грданоски
 
 

„Политико“ во осврт за вчерашната инаугурација на новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова коментира дека уште на самиот свечен чин во Собранието со неупотребата на уставното име таа предизвикала кавга со соседна Грција и многубројни реакции од Атина.

-Новоизбраната националистичка претседателка на Северна Македонија уште пред да положи заклетва во неделата, предизвика дипломатска расправија со соседна Грција, наведува „Политико“. 

-Амбасадорката на Грција во Скопје, Софија Филипиду, веднаш ја напушти церемонијата на инаугурација во знак на протест, наведува порталот, додавајќи дека „десничарската партија ВМРО“, чија кандидат за претседател беше Сиљановска-Давкова и која победи и на парламентарните избори минатата недела, го отфрла Договорот од 2018 година кој предвидува земјата да не се нарекува „Македонија“.  Според историскиот договор од Преспа, наведува изданието, името и Уставот на земјата беа сменети, овозможувајќи и на Северна Македонија да влезе во НАТО во 2020 година и да го започне процесот на пристапување во ЕУ. 

Порталот потсетува дека Грција со децении го блокираше пристапувањето на земјава во ЕУ и НАТО, тврдејќи дека со тоа што се нарекува себеси „Македонија“ го „присвојува грчкото име, како и историјата на античкото грчко Кралство Македонија“. Во текстот се додава и дека во изминатите две години, Бугарија, исто така, ја блокираше кандидатурата на земјата за ЕУ, барајќи уште еднаш да се измени нејзиниот Устав „за да се признае бугарското малцинство“. 

– Договорот од Преспа го потпиша тогашната Влада, предводена од социјалистичката партија СДСМ. Спротивно на тоа, националистичката ВМРО, на која и припаѓа Сиљановска-Давкова, отсекогаш го исфрлаше договорот. Во текот на неговата кампања за минатонеделните парламентарни избори, лидерот на ВМРО, Христијан Мицкоски, ја обвини СДСМ дека направила понижувачки компромиси за решавање на споровите со соседите и продолжи да ја нарекува земјата „Македонија“ и покрај договорот од Преспа, наведува „Политико“, пренесувајќи изјава на Мицкоски дека за него „Македонија е и ќе остане Македонија“. 

Според порталот, враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт по седум години, откако извојува „големи победи на парламентарните и претседателските избори минатата недела“, се очекува дополнително да ги комплицира односите и со Грција и со Бугарија, како и пристапот на земјата во ЕУ.  

– Иако ВМРО го поддржува членството во ЕУ, вели дека нема да се согласи со уставните промени што ги бара Бугарија, предуслов за пристапување на земјата во блокот, додава „Политико“. 

Порталот пренесува и реакција на грчката левичарска опозициска партија Сириза, која „го осуди употребата на терминот Македонија од страна на Сиљановска-Давкова“ и ја повика Владата на Грција „да се откаже од овој пасивен став“ и да ги мобилизира „сите расположливи дипломатски средства на меѓународно и европско ниво“, со цел „со строгост“ да се побара де не се употребуваат термини или преземаат дејствија „од страна на новата претседателка и членовите на новата влада на Северна Македонија со кои се прекршува Договорот од Преспа“. 

За настанот пишува и порталот „Еурактив“.

– Балканската нација го додаде „Северна“ во своето име со историскиот договор во 2018 година, за да стави крај на долгогодишниот спор со Грција. Партијата на Гордана Сиљановска-Давкова, националистичката ВМРО-ДПМНЕ, се спротивстави на договорот и одбива да го признае новото име на земјата, наведува порталот. Порталот додава дека Сиљановска-Давкова, која во саботата наполни 71 година, беше избрана за претседател со петгодишен мандат, откако обезбеди победа во вториот круг на гласање со 65 отсто од гласовите над шеф на државата во заминување, социјалдемократот Стево Пендаровски, кој освои 29 проценти.

 

– Грција реагираше луто на говорот на новата претседателка, велејќи дека нејзиниот избор на зборови е „еклатантно кршење“ на нивниот Договор. Грција категорично изјавува дека натамошниот напредок во билатерални односи со Северна Македонија и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и пред се од употребата на уставното име, додаваат од (грчкото) МНР. Според извештаите на локалните медиуми, амбасадорката на Грција во Скопје ја напуштила церемонијата во Парламентот во знак на протест, се додава во текстот.

„Еурактив“ пренесува и изјава на бугарскиот претседател Румен Радев дека „Бугарија не прифаќа изјави и однесување што се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и со другите меѓународни договори што ги има потпишано Република Северна Македонија“.

– Враќањето на власт на десницата во сиромашната земја со 1,8 милиони жители создава ризик за повторно разгорување на тензиите со Грција, како и со Бугарија. За време на предизборната кампања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вети дека ќе остане цврст во ставот кон Бугарија околу јазичните и историските прашања, поради кои Софија ги блокираше преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ во последните две години, се посочува во текстот.

„Еурактив“ наведува дека Бугарија побара од Скопје да го промени својот Устав „за да го признае бугарското малцинство“ во земјата.