Политички место велигденски говор на владиката Петар


Владиката Петар со скандалозни велигденски пораки се обиде да влијае на двојните избори, порачувајќи дека верниците „се должни да гласаат“ и дека треба да внимаваат при изборот да не се случи „слепец слепи да води“.

Иако Црквата е одвоена од државата, Владиката Петар им порача на кандидатите за државни функции на претстојните избори да не ги запоставуваат духовните, културните, националните вредности, а на граѓаните, за кои иако не се сомнева дека се мудри, сепак им укажа да внимаваат кому ќе го дадат својот глас.

„Граѓаните, пак, особено оние од православна вера, секогаш да имаат при ум дека се царско свештенство и избран народ, и затоа должни се да гласаат и изберат претставници и водачи коишто се одликуваат со морални вредности и ги исполниле или ќе ги исполнат ветувањата, за да не се случи втората измама да биде полоша од првата, односно, слепец слепи да води. Во спротивно, гласачите виновни ќе бидат пред својата совест, која е гласот Божји во човекот“, рече владиката.

Тој вели дека како слободни битија, го поседуваме дарот на слободната волја и имаме можност слободно да одлучуваме и избираме од најмала возраст.

 
„Така, избиравме која играчка ја сакаме, со кои другарчиња ќе играме и ќе се дружиме, кој спорт ќе го избереме, во кое училиште ќе се запишеме, на кој факултет ќе студираме, кого или која ќе ги избереме за брачен другар/ка, какво возило, стан или куќа ќе купиме итн. Сето ова е во ред. Но, пред секој човек, пред секој од нас, во овој живот, се поставени неколку клучни избори: ќе избереме добро или зло; вистина или лага; светлина или темнина; живот вечен или духовна смрт; Бога или ѓаволот?“, кажа тој.

 

Тоа не е прва скандалозна изјава на владиката Петар, повеќе пати со своите настапи не криел која политичка опција му е поблиска. Многу реакции предизвика и со велигденската порака од пред две години, кога отворено и жестоко го нападна феминизмот со порака дека „родовата еднаквост е изопачена“.<