Политичката кампања ќе се води со кривични пријави
Политичката кампања по се изгледа на овие избори ќе се води со кривични пријави чиј резултат не е ни битен, туку само ќе се коистат за да го подигнат „нивото“ на обвинувањата за криминал и корупција кои се штанцаат како на фотокопир. Откако тоа го најави Максим Димитриевски од ЗНАМ, што има и елементи на лична политичка пресметка со поранешниот министер за внатрешни работи, денес кривична пријава за Оливер Спасовски најави и Мирко Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.
-ВМРО-ДПМНЕ денес поднесе кривична пријава против лицето Оливер Спасовски, кој како поранешен министер за внатрешни работи е лично и директно одговорен за хаосот со личните документи.Ова е кривичната пријава, која што само што беше поднесена во Јавното обвинителство.
Оливер Спасовски во својство на министер за внатрешни работи во период од околу две ипол години издавал лични документи за коишто знаел и бил свесен дека нивната важност нема да биде во рок отколку што е ставен во документите туку истите ќе престанат да важат на 12.2.2024 година.Имено, тој овој период од 12.2.2019 па се до средината на 2021 година тој свесно и директно раководејќи со Министерството за внатрешни работи кои што впрочем ги издаваат овие документи нанесува штета на десетици илјади граѓани. И таа е и материјална и нематеријална штета.
Две ипол години тој ја донесува македонската јавност, граѓаните на Република Македонија во заблуда со ова негово постапување.Впрочем тој врши злоупотреба на службената положба и овластувања и несовесно работење во службата. И оваа кривична пријава впрочем се заснова на прекршување на членовите 353 став 1 и 353-в став 5 од Кривичниот закон.
Очекуваме од Јавното обвинителство да ја прифати кривичната пријава поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и да отвори истрага за Оливер Спасовски бидејќи одговорност во оваа држава мора да има. Апелираме и очекуваме дека новоизбраниот јавен обвинител на Република Македонија ќе покаже дека е професионалец, а не дека е продолжена рака на власта во заминување на СДС и ДУИ, порача Јанушев, во нешто што наликува на закана кон обвинителот бидејќи ако не покрене постапка, ќе биде прогласен за продолжена рака на СДСМ.
Претходно и Левица поднесе кривична пријава против Артан Груби поради постоење „основано сомнение за сторено кривично дело Противправно стекнување и прикривање имот“, а во врска со опожареното „Ауди“ за кое тврдеше дека го позајмил и не е негово и не го пријавил во анкетниот лист.