„Политичката храброст на Македонија мора да се награди“, изјави германскиот канцелар Шолц

Германскиот канцелар канцелар нагласи дека не се работи само за алтруизам, туку и за европски кредибилитет и економската рационалност и разум


 

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска, на Денот на Европа, изјави дека Европската унија треба да го одржи ветувањето за прием во членство на сите земји од Западен Балкан.

„Се одлучивме за голема Европа, им кажавме на граѓаните на Западен Балкан, Украина, Молдавија и потенцијално Грузија: ‘Вие ни припаѓате нам, ние сакаме да бидете дел од ЕУ’“, потсети Шолц за време на говорот за иднината на Европа во Европскиот парламент.

Германскиот канцелар канцелар нагласи дека не се работи само за алтруизам, туку и за европски кредибилитет и економската рационалност и разум.

„Се работи за тоа мирот во Европа, по овие големи пресвртници и ужасната руска војна, да биде обезбеден засекогаш и трајно, барем трајно. Геополитички, Европа се мери според тоа дали ги исполнила своите ветувања кон своите непосредни соседи“, посочи Шолц.

Тој истакна дека овие ветувања може да се реализираат со чесна и отворена политика на проширување.

„Пред сè, тоа се однесува на земјите од Западен Балкан, чиј пристап почна, верувајте ми, пред цели дваесет години, кога тоа им беше ставено како реална перспектива“, потсети германскиот канцелар.

Тој, исто така, рече дека процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово треба дополнително да се охрабрува, дека реформите треба да продолжат во сите земји кандидати.

Во говорот тој посебно ја спомена Македонија и она што го направи изминатите години. „За политичката храброст Македонија треба да биде наградена, мора да следи нејзино пристапување или барем напредок во нејзиното приближување кон ЕУ“, рече Шолц.

„Напредокот мора да биде награден од наша страна, во спротивно целата политика на проширување ќе ја изгуби својата привлечност, а ЕУ ќе го изгуби своето влијание“, предупреди Шолц.

Канцеларот Шолц дебатираше со европратениците за време на серијата „Ова е Европа“, повикувајќи на обединета Европа способна да се промени за да го обезбеди своето место во светот на утрешниот ден.

Германскиот канцеларот Шолц истакна дека Европа има глобална одговорност надвор од нејзините граници „бидејќи благосостојбата на Европа не може да се одвои од благосостојбата на остатокот од светот“. Светот на 21. век, рече тој, „ќе биде мултиполарен, веќе е“. Канцеларот Шолц идентификува три лекции за ЕУ: „Прво, иднината на Европа е во наши раце. Второ, колку е пообединета Европа, толку полесно ќе си обезбедиме добра иднина за нас. И трето, не помалку, туку повеќе отвореност и поголема соработка се на агендата на денот“.

За да го обезбедиме местото на Европа во светот на утрешниот ден, ЕУ мора да се промени, рече Шолц. Потребна ни е геополитичка ЕУ, проширена и реформирана ЕУ и ЕУ отворена за иднината.

Во Европа, 9 мај се слави и како Ден на Европа во знак на сеќавање на објавувањето на декларацијата со која на тој ден во 1950 година францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман повика на воспоставување нов поредок меѓу европските земји, по што е основана Европската заедница за јаглен и челик.

Од таа комисија се роди Европската економска заедница, а во 1991 година во Мастрихт беше прогласена Европската унија.