Полицијата интервенирала против учесници на демонстрациите во Брисел


Младинските протести во Брисел вчера прераснаа во судири со полицијата, која употреби солзавец и водени топови против демонстрантите, пренесе ДПА.

Полицијата интервенирала откако дел од демонстрантите почнале да оштетуваат корпи за отпадоци и електрични тротинети, како и да фрлаат камења и пиротехнички средства, јави репортер на агенцијата.

Протестот е организиран како реакција на полициското насилство за време на демонстрациите минатата недела против најавените кратења во образовниот сектор.

Во текот на протестите, кои траат веќе втора недела по ред, полицијата повторно употреби солзавец и водени топови, а според извештаите на терен биле забележани и полицајци кои користеле палки против демонстрантите. Властите во регионот Брисел-Главен град најавија истрага за инцидентите.

Незадоволството е предизвикано од обемниот пакет мерки за штедење што го подготвува владата на француската заедница во Белгија. Меѓу мерките се зголемување на наставниот фонд за професорите во повисоките одделенија на средните училишта и можност за воведување повисоки школарини.

На вчерашните протести им се приклучија и наставници, како и претставници на организации од граѓанското општество, јави белгиската новинска агенција Белга.

Според Белга, најголем дел од неколкуте илјади учесници протестирале мирно.