Полицијата го бара Мијалков, исчезна пред изрекувањето на пресудата
Од вчера попладне полицијата е во потрага по Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, откако судот издаде решение за куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина” на 26 февруари. Мијалков во овој случај е првообвинет, а обвинителката Ленче Ристеска во завршниот збор побара максимална казна.
На барање на обвинителството Кривичниот суд издаде решение за куќен притвор за Сашо Мијалков. Полицијата од вчера попладне го бара во неговиот стан во Капиштец, куќата на Водно и во хотелот „Мериот“. Мијалков последен пат бил виден околу 14 часот во кафулето „Дистрикт“, во близина на хотелот „Мериот“. Иако не го нашле дома, според некои медиуми во домот на Водно бил неговиот телефонски апарат, чиј сигнал бил следен. Тој бил следен на јавен простор, како што било законски допуштено, но воедно бил следен и сигналот на неговиот телефонски апарат, кој водел од хотелот „Мериот“ до домот на Мијалков на Водно.Врз основа на телефонскиот сигнал се верувало дека Мијалков е дома, но на крајот се испоставило дека возилото со кое патувал телефонот не било управувано од Мијалков, туку од друго лице или лица, чиј идентитетот првично не можел да се утврди поради блиндираните прозорци.
По завршните зборови и на одбраната и на обвинителството, за 26 февруари закажано е изрекување на пресудата за случајот „Таргет – Тврдина“ во кој се обвинети 12 лица, а Мијалков е првообвинет. Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува на крајот на февруари.

„Иако се работи за кривични дела за кои е запретена максимална затворска казна до 5 години, сепак имајќи го предвид последиците на кривично дело и импактот кои овие последици го имаат како на животите на лицата чии комуникации биле незаконски следени така и импактот на целокупните општествени процеси, сметаме дека нема пречка за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ како создавачи на групата да бидат изречени максимални казни затвор за секоја од кривичните дела кои им се ставаат на товар“, рече на минатонеделното рочиште обвинителката Ленче Ристоска.
Мијалков на рочиштето на 19 февруари рече дека нелегалното прислушување во земјава од 2008 до 2015 година не го правеле службите во УБК. Тој тврдеше дека не е вмешан во аферата со прислушувањето и уништувањето на опремата за следење на комуникациите. Според него, во земјата имало и други системи за прислушување, освен тие на УБК.
Досега ништо не навестуваше дека поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, нема да биде достапен за органите на прогонот, и дека за него ќе мора да биде распишана централна потерница. Редовно присуствуваше на сите судења и имаше подготвена одбрана. Дали се дал во бегство ќе се знае повеќе денеска. Во јавноста веќе се шпекулираше за висината на казната и за евентуалните олеснувања што би ги добил.
Социјалните мрежи вријат од незадоволни граѓани, кои се во шок дека би можела да се повтори епизодата со Никола Груевски, кој избега во Унгарија, каде што доби азил од тамошните власти.
Јавното обвинителство излезе со детали за информациите поврзани со барањето за притвор и сознанијата за негово можно бегство.
-Во врска со издржувањето на мерката куќен притвор на обвинетиот Сашо Мијалков, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја информира јавноста дека во моментот на завршување на главната расправа за предметот „Таргет-Тврдина“, обвинителите кои постапуваа во предметот немале никакви индиции дека обвинетиот подготвува бегство. Н, и покрај тоа, по завршување на главната расправа, со цел да се преземат превентивни мерки, го известиле Министерството за внатрешни работи дека главната расправа е завршена.
Првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков Министерството за внатрешни работи ги сподели со обвинителството во сабота во 23 часот. Во неделата утрото по направените неопходни проверки, изготвен е предлог за определување на притвор. Во 12 часот со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го извести Основниот кривичен суд – Скопје за изготвениот предлог, како и Министерството за внатрешни работи. По исполнување на административните процедури, предметните обвинители во 14.30 часот се упатиле во Основниот кривичен суд – Скопје, каде во 15 часот предлогот за определување на притвор е примен од судот и со решение на обвинетиот Сашо Мијалков му е определeна мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор. Решението од страна на обвинителството е примено во 18.45 часот. Во меѓувреме, до приемот на решението, јавните обвинители се известувани од надлежни лица во Министeрството за внатрешни работи дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган.
Околу 21.20 часот Обвинителството е известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21.47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден.
Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, Обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик, заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија, информираат од обвинителството.
Според ТВ24 синот на Сашо Мијалков, Јордан Мијалков е приведен на распит во полициска станица и од него се бараат сознанија во однос на бегството на неговиот татко.Во меѓувреме се преземаат и други оперативни мерки кои треба да доведат до нови информации кој се учествувал во организацијата на бегството.