Полицијата 10 месеци тапка во место – не знае кој го уби лекарот Ацо Трповски

Убиството на матичниот лекар од Скопје е едно од најзагадочните што се случиле во последниве години. Полицијата не може да го открие ни мотивот


Полицијата не соопшти досега никаква информација дали е на некаква трага

 

Убиството на докторот по општа медицина од Скопје, Ацо Трповски, десет месеци е заплеткано во истрагата на полицијата, а резултат засега нема. Ниту се знае дале наскоро ќе има. Истрагата тапка во место.

Полицијата, и покрај сите напори, не може да го пронајде убиецот на докторот Трповски, кој на 21 март беше пронајден во неговиот автомобил марка „киа“ со повеќе убодни рани на паркингот на здравствениот дом „Железара“ во Скопје.

„Независен“ побара информации за истрагата од Министерството за внатрешни работи, до каде е таа и дали има нови моменти. Одговорот беше во шест збора:

„Се работи на расчистување на случајот“.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, последниве месеци постојано нагласува дека МВР расчистило шест-седум-осум убиства, но за овој случај, кој предизвика огромно внимание во јавноста молчи. Како што молчи и целото МВР. Јавноста не знае дали има некои нови сознанија во истрагата, ниту пак има детали дали Трповски бил убиен пред амбулантата „Железара“. Министер и тогаш и сега е Панче Тошковски.

Македонската полиција од секогаш не сакала да открива детали од истрагите за убиствата, тоа го прави строго тајно. А не сака да побара ни помош од јавноста во некои прилично мистериозни случаи. Така е и со убиството на докторот Ацо Трповски. Јавноста чека информации, а семејството одговори зошто некој го убил нивниот Ацо. 

Неговата ординација била во поликлиниката, а автомобилот во кој е пронајдено неговото мртво тело бил на паркингот пред зградата.

Неговите синови почнале потрага по него откако тој не се вратил дома во вообичаеното време, како што тоа го правел секој ден, а телото го пронашле во 23 часот.

Според изјавите од пред десет месеци Ацо Трповски бил убиен на друго место, а потоа пренесен во неговиот автомобил пред „Железара“

Иако полицијата ги прегледала снимките од видеонадзорот на сите објекти околу паркингот каде 67-годишниот лекар беше пронајден убиен, барем засега нема никакви информации што би можеле да се споделат со јавноста. Полицијата не само што трага по убиецот или убијците, туку и по мотивот за овој злосторнички чин.

„Матичниот лекар Ацо Трповски не бил убиен во неговиот автомобил, туку на друго место коешто треба допрва да го утврдиме“, изјави тогаш дополнителниот-заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, десетина дена по убиството. Тој уште додаде: „Според наши сознанија лицето не е убиено во автомобилот, туку телото е донесено и оставено во автомобилот. Не се откриени мотивите за убиството“.

Полицијата брзо приведе три лица кои беа ставени под сомнение за поврзаност со убиството, но беа пуштени на слобода поради недоволни докази.

Од обвинителството велат дека се издадени сите наредби и насоки за истрагата, но сторителот уште не е познат.

„Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ги издаде сите потребни наредби и насоки. За идентификација на сторител на кривично дело постапува Министерството за внатрешни работи. Сторителот сѐ уште не е идентификуван“, одговорија од ОЈО на прашање на „Независен“, до каде е истрагата за убиството на лекарот.

Надлежните треба да ги дадат одговорите на прашањата не само за мотивот, туку и дали убиството било планирано или до него дошло во неочекувана ситуација.

Трповски бил девет пати бил избоден со нож, што укажува дека убиецот можеби бил прилично гневен. Полицијата или обвинтелството не соопштија дали имаат докази дека Трповски се бранел при нападот, или бил сурово егзекутиран. Возилото во кое беше пронајдено телото е на слабо осветлен паркинг, каде, како што коментираа жителите од околните згради, навечер не е безбедно за движење.

Од поликлиниката каде Трповски работел како матичен лекар под концесија, рекоа дека имаат обезбедување за објектот каде работат, но паркингот бил јавна површина и не е дел од нивната установа.

Во знак на протест, матичните лекари во понеделникот по убиството не работеа од 12 до 16 часот и побараа заштита што би им ја обезбедил Законот за доктори кој е во подготовка околу 15 години.