Полиција интервенираше во училиштето „Љубен Лапе“ во Аеродром
Родителите бараат еден од нив да седи на часовите по математика заедно со децата, новата наставничка го одбила тоа и повикала полиција
Полиција интервенирала во основното училиште „Љубен Лапе“ во скопската општина Аеродром, откако новоназначената наставничка по математика во шестите одделенија, не дозволувала родител да седи на часовите.
Откако родителите на учениците од шестите одделенија од ова училиште преку Советот на родители реагираа на однесувањето на дотогашната наставничка по математика, со цел таа да биде сменета, денеска соопштија дека било договорено родител да седи на часовите по математика, кои ги одржува друга наставничка.
Но, таа викнала полиција.
„Денес, 3 февруари 2022 година, за време на бојкотот на часовите од страна на учениците од VI-2, VI-4 и VI-5 одделение кој е уредно најавен на училиштето, на класните раководители и стручната служба на училиштето и одобрен со согласност од сите родители на учениците од претходно наведените одделенија, друг предметен наставник по математика, колешка на наставничката против која е поведена постапка (а која е член на дисциплинската комисија), од неразбирливи причини за нас, а можеби познати за неа, свесно го попречи бојкотот, обраќајќи се на висок тон со упатување закани кон родителот кој бил уредно овластен од сите“, соопштија од Советот на родители од ова училиште.
По реакцијата на родителите на однесувањето на наставничката по математика која, според нив ги навредувала децата, оставка поднесе директорката Марјана Панчевска, најавен беше и инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат и поставувен беше нов в.д. директор.
Родителите, сепак, одлучиле бојкотот на наставата/часовите по математика да продолжи сѐ додека дотогашната наставничка по математика целосно се изземе од часовите. Одлучиле, како што велат, во соработка со надлежните родител да биде присутен со децата во просториите на училиштето завреме на бојкотот.
Сепак, колешката наставничка која е назначена да ги одржува часовите по математика, според нивните наводи, „истапувајќи надвор од нејзините ингеренции и должности, без одобрение на директорот и стручната служба на училиштето, не почитувајќи ја хиерархиската поставеност на работа и одлучување, повикала полиција на интервенција за што по пријавата е уредно составен
записник од страна на службени лица на МВР“.
„Ваквото постапување е надвор од нејзините ингеренции, односно тоа е законска и статутарна обврска на директорот и стручните служби, согласно хиерархиската поставеност на одлучување во училиштето, а притоа оваа наставничка и нивниот работен процес не е попречен, ниту загрозен, ниту пак е упатено и направено било какво лично обраќање кон неа и одлуката на родителите не ја засегаат лично како наставник, но очигледно ја засега ‘грижата’ и ‘заштита’ на неодговорното и против законско постапување на нејзината друга колешка по математика, а воедно и правење на своевиден притисок и заплашување кон родителите“, велат од Советот.
По инцидентот утрово одржана е средба со ново именуваната в.д. директорка и двајца инспектори од Државниот просветен инспекторат.
Родителите укажуваат дека проблемот со наставничката по математика во ова училиште трае пет години и сметаат дека неправично е да се тврди дека училиштето направило сѐ што е во негова можност да се надмине проблемот.