Погледнете како изгледа кино-салата во Берово! За 2 милиони евра ќе стане мултифункционална

Општина Берово аплицираше со предлог – проект за изградба на мултифункционална сала во склоп на Домот на културата ,,Димитар Беровски“, на објавениот Јавен повик за изразување на интерес од страна на општините, за финансирање на инфраструктурни проекти од Потпрограмата АА и утврдени, односно планирани средства за оваа намена, во Буџетот на Министерството за култура и туризам за 2025 година.
Повикот е објавен врз основа на Програмата за користење на капитални дотации, за финансирање на инвестициони проекти на општините и општините во Градот Скопје за 2025 година, број 50-1589/2 од 07.02.2025 година („Службен весник на РСМ“ број 27/25) , со вредност од 115.354.817,00 денари.
Главната цел на проектот, е да се создаде динамичен и адаптабилен простор, кој ќе служи како центар за собирање, учење и размена на идеи, со фокус на културата, образованието и семинарскиот туризам, што ќе придонесе за развојот на целата заедница, објави градоначалникот Звонко Пекевски.
Со проектот се предвидува да се изгради модерен и современ енергетски ефикасен објект, за одржување настани со соодветна инфраструктура и опрема.
Новата мутифункционална сала, се предвидува на местото од постоечкиот објект- кино сала, која е во лоша и руинирана состојба во центарот на градот Берово.
Салата ќе може да се користи за настани, театарски претстави, јавни трибини, концерти и натпревари од културно-забавниот и образовен живот во општината, што ќе овозможи вклучување на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор.
Вкупната вредност на овој проект изнесува 115.354.817,00 денари.
Побаран износ за финансирање на поднесениот предлог – проект за финансирање на инфраструктурни проекти, од Потпрограмата АА од Буџетот на Министерството за култура и туризам за 2025 година, е 90.414.225,00 денари или 78,38 %, а општина Берово ќе учествува со кофинансирање во износ од 24.940.592,00 денари.
– Се надевам дека овој проект ќе биде одобрен за реализација и конечно во срцето на Берово, ќе донесеме нов мултикултурен центар, кој ќе му даде нова димензија на културно забавниот живот во градот – вели Пекевски.