Поглед
ЛЕЈЛА САБИТ
Погледот, велат, е душата на човекот.
Можеш да се нурнеш во длабочините на очите, и тие се ќе ти кажат.
Може да биде јасен или заматен, отсутен или скриен далеку од очите на јавноста.
Ретко кој има чиста совест да ве гледа директно во очи, најчесто го кријат погледот зашто им е непријатно, срам или ви згрешиле нешто.
Други, пак, не прават разлика меѓу чист или валкан образ.
Погледите може да се сретнат, да се разминат, да ве убијат со поглед, а повеќе можат да ве заболат скриените погледи.
Погледите со текот на годините се менуваат кон луѓето, нештата, работите или кон животот.
Некогаш е доволно да фрлите поглед за да се уверите со свои очи, а некогаш е доволно да го задржите погледот на интересна жена или на палаво дете.
Чудно. Далечината не можеме да ја фатиме со поглед , а оддалечени сме и како луѓе.
Осудени сме да гледаме одблизу, а никого не чувствуваме за близок.
Ѝ Скопје одамна не е град со поглед.
Пие(в)ме кафе со поглед на фасади, а Скопје тоне во смог или во магла ако фрлиш поглед од Водно.
Во зима, ако не паѓа снег, ретко фрламе поглед од прозорецот на нашиот дом.
Чекаме ширум да го отвориме напролет, кога сонцето танцува со дождот, а еден поглед кон цвеќињата не потсетува дека животот не е црно-бел туку полн со нијанси.
Дури и во Македонија.